1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се‘ повеќе Германци работат дополнително

ЕМФ/дв12 август 2013

Бројот на Германци кои се занимаваат со дополнителна дејност е на рекордно ниво. Во последните 10 години нивниот број е двојно зголемен. Дали тоа се должи на тоа што со една дејност не можат да преживеат?

https://p.dw.com/p/19O2O
Фотографија: picture-alliance/dpa

По завршениот работен ден - дома, на одмор и подготовка за наредниот работен ден - за многу луѓе во Германија ова е само убава претстава, но не и правило. Зашто, на крајот на минатата година дури околу 2,7 милиони луѓе си ги подобрувале месечните примања со дополнителна дејност, т.н. миниџоб. Бројот на ваквите луѓе во 2012. се зголемил за цели 59.000 во споредба со 2011-а. Тоа значи дека бројот на граѓани кои покрај регуларното вработување имале и миниџоб бележи стапка на пораст од 2,3 проценти. Податоците ги објави весникот „Цвикауер пресе“, повикувајќи се на пратеничката Сабине Цимерман, која податоците ги добила од Сојузниот уред за труд.

Нејасни причини

Ваквите податоци значат дека 9,1 процент од регуларно вработените имаат и дополнителна дејност. Цимерман оценува дека тоа е јасен доказ оти „за се‘ поголем број луѓе платата од едно работно место не е доволна за да се преживее“. Портпарол на сојузното Министерство за труд пак, изјави дека за оваа тема нема направено истражување, па поради тоа можно е за зголемувањето на бројот на граѓани со миниџоб да има соосема други причини, како на пример „зголемената желба за потрошувачка“.

Минатиот декември едно истражување на Сојузниот уред за труд покажа дека во гастрономијата и трговијата се‘ поголем број луѓе со полно работно време се заменуваат со „миниџобери“. Според тоа, доколку ваквиот тренд продолжи, последиците за вработените со полно работно време долгорочно би биле непријатни.