1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се‘ повеќе Јужноевропејци сакаат да учат германски

Катрин Ердман/ Жана Ацеска2 септември 2012

Сред европската должничка криза, германскиот јазик доживува своевидна ренесанса. Побарувачката по курсеви по германски јазик нагло расте, па мора да се врши дури и проширување на капацитетите.

https://p.dw.com/p/15t0S
Фотографија: Fotolia/N-Media-Images

Три часот попладне во Народниот универзитет (ВХС) во Хамбург. Во тек е пријавувањето за курсеви по германски јазик. Еден по еден странците од автомат извлекуваат бројчиња и седнуваат во чекалница. Ана Нафес и уште четири нејзини колешки вработени во училиштето следните три часа ќе работат како на подвижна лента.

„Веќе една година има зголемен интерес за курсевите по германски јазик. Просечно дневно се пријавуваат по сто луѓе, на кои им даваме совети и ги ’сортираме’ по различни курсеви, во зависност од степенот на нивното познавање на јазикот“, објаснува Ана Нефес.

Во споредба со лани, има 30 проценти повеќе пријави. И во Хамбург за учење на германскиот јазик се пријавуваат главно луѓе од европските земји погодени од должничката криза.

„Многу од луѓето доаѓаат од шпанското говорно подрачје, некои директно од Шпанија, а некои од Јужна Америка, со постојан престој во Шпанија“.

Заинтересирани за германскиот јазик се и Португалци, Грци, кои порано воопшто ги немаше.

Migration nach Deutschland
Фотографија: picture-alliance/ZB

Врвулици кај пријавувањето

Градските власти во Хамбург ги потврдуваат податоците - во 2011. е забележан пораст на доселеници во градот. Лани се доселиле 600 луѓе повеќе отколку една година порано. Најголем дел отпаѓа на Шпанци.

Во малата чекалница во Народниот универзитет воздухот е застојан. Сузана Милан Прол извлече број 78. Во редицата пред неа има уште 30 луѓе. 31-годишната жена во Хамбург стигнала пред два месеца.

„Во Шпанија студирам туризам, но работа имам само во лето. Затоа дојдов овде да научам германски. Мислам дека тоа добро би ми дошло“.

Надеж наместо немање перспектива

Сузана студира во Галиција, во северозападна Шпанија, во близина на португалската граница. Да дојде во Германија била принудена од економската криза. Многу нејзини пријатели имаат изгубено надеж да најдат некаква работа, раскажува таа:

„Младите луѓе во Шпанија имаат голем проблем. Фирмите немаат работа, познавам инженери кои чистат во ресторани“.

И таа во Хамбург на почеток чистела, но сега ја напуштила таа работа, не и‘ се допаѓала зашто постојано била сама. Сега работи како келнерка во еден ресторан. Така може полесно да запознае луѓе и да научи германски. Живее скромно и не може многу да си дозволи:

„Изнајмив соба кај едно семејство, но ни тие не се Германци, туку Грци“, се смее таа.

Се бара едноставна работа

Додека Сузана успеа да најде место за седење во чекалницата, Цецилија Херас мора да стои зашто во меѓувреме просторијата се наполни. Цецилија доаѓа од Еквадор, а во Шпанија работела како негувателка на стари луѓе. Пред една година останала без работа па се преселила кај братот во Хамбург.

„Почетокот беше тежок. Не познавав никого, дури со текот на времето стекнав контакти“, раскажува Цецилија. Познанствата и‘ донесле и работа, сега таа чисти во еден стан.

Во тој смисол таа е поуспешна од Педро. Овој 28-годишен Португалец досега живеел во Лисабон.

„Сакам да научам германски и повторно да си го организирам животот“, малку изнервирано раскажува Педро. Тој во Португалија ги работел сите можни работи: во градежништво, помагал при берба на фарма... Ни самиот не знае што точно очекува во Хамбург.

Некои имаат среќа

Многу поопуштено изгледа Хуан Гомез. 27-годишниот млад човек по професија е готвач, а татковината ја напуштил пред два месеца:

„Се разбира дека овде ме доведе кризата, но сакав и да се сретнам со различни луѓе и култури“.

Symbolbild Integration Deutschunterricht Sprache Türkei Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Уште пред да ја напушти Шпанија, тој нашол работа во Германија во еден галициски ресторан. Живее над ресторанот. На Хуан јасно се чита возбудата од новиот живот во Германија. Моментно во посета му е неговата девојка од Шпанија, која наскоро се враќа дома. Кај Хуан не се забележува страв од осаменост или од депресивното хамбуршко време.

„Во Галиција е слично - дожд, сонце, дожд, зима“.

Интересот за шестнеделните интензивни курсеви по германски јазик во Народниот универзитет во меѓувреме е толкав што времето на чекање место на некој од нив е продолжено на два месеца. Новопридојдените затоа мораат да бидат стрпливи и решителни. А кога еднаш ќе почнат, следува секоја недела по 16 часови настава по германски јазик, шест недели. За постигнување на нивото Б1, што значи способност за едноставна конверзација, со тоа темпо им е потребна една година учење. Цената на еден шестнеделен курс по германски јазик изнесува 245 евра.