1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

UN Syrien

23 ноември 2011

Се’ поизвесно е дека ОН ќе донесат одлука за осуда на Сирија. Одборот за човекови права на Генералното собрание на ОН даде зелено светло за предог резолуција, поднесена од германскиот амбасадор во ОН, Петер Витиг.

https://p.dw.com/p/13FJi

Одборот за човекови права на Генералното собрание на ОН вчера (22.11.2011) во Њујорк усвои резолуција со која се врши натамошен притисок врз режимот во Дамаск. Во документот жестоко се критикува крвавото задушување на протестите против сириската влада и се бара итно да прекине крвопролевањето од страна на режимот на Асад. Т.н. „Трет одбор“, одговорен за човековите права, составен од сите 193 членки, може само да изрече препорака, за која Генерланото собрание треба да гласа во декември.

Резолуцијата изработена под раководство на германските дипломати ја поддржуваат и Катар, Саудиска Арабија, Јордан и Мароко. Со поддршката на овие арапски земји Германија, Франција и Велика Британија се надеваат дека ОН ќе ја осудат Сирија поради повеќемесечното насилство врз опозиционерите.

Peter Wittig Botschafter Deutschland UN Sicherheitsrat
Германскиот амбасадор во ОН Петер ВитигФотографија: picture-alliance/dpa

Реакцијата од Дамаск беше брза: сирискиот амбасадор во ОН Башар Џафари ја обвини Германија и нејзините партнери, дека страдаат од „фобија од Сирија“ и дека и‘ објавиле војна на дипломатско ниво на неговата земја.

Фронтот на противниците се урива

Пред неколку денови рускиот министер за надворешни работи, по нападот на сириските дезертери врз комплекс на тајната служба на војската во Дамаск ,за првпат зборуваше за граѓанска војна. Сергеј Лавров притоа ги повика и двете страни, во седиштето на Арапската лига во Каиро, да започнат дијалог, што раководството во Дамакс досега го одбива. Во Пекинг, портпарол на кинеското министерство за надворешни работи неодамна навести дека Кина под одредени околности би можела да поддржи резолуција на Советот за безбедност на ОН против Сирија. Во октомври Русија и Кина со вето спречија Советот за безбедност на ОН да ја осуди Сирија.

Со ова натамошно се зголемува меѓународниот притисок врз сирискиот режим. Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган вчера жестокот го нападна својот поранешен сојузник. „До смрт да се бориш против сопствените луѓе не е херојство, туку кукавичлак“, изјави Ердоган пред членови на неговата партија во Анкара. Асад треба да поднесе оставка за доброто на својата земја и на регионот, без притоа да се пролева уште повеќе крв, побара турскиот премиер.

Syrien President Bashar al-Assad Brüder
Сирискиот режим под се’ поголем притисокФотографија: AP

Дипломатски активности

Во резолуцијата се повикува сириската влада неодложно да го спроведе мировниот план на Арапската лига. Освен ова, резолуцијата го критикува систематското повредување на човековите права од страна на сириските државни органи. Се зборува за „своеволни егзекуции“, „ексцесивна употреба на сила, убиства и прогонувања на демонстранти“, како и за „злоупотреба и измачувања на затвореници, исто и деца“.

Во декември Генералното собрание на ОН треба да гласа за резолуцијата. Таа не би имала конкретни последици, подвлекува политикологот Мануел Фрелих оти сите овие акти немаат меѓународно-правни обврзувачки последици. Фрелих меѓутоа подвлекува дека со тоа се создава дипломатска динамика. Тоа што Германците успеаја да придобијат голем број држави членки на ОН од Азија и Блискиот Исток е голем плус, смета политкологот. Тој дополнува дека на овој начин се документира какво е мислењето на мнозинството држави за развојот во Сирија и се одбегнува блокада во Советот за безбедност.

Автор: Томас Колман / Александра Трајковска

Редактор: Е. Милошевска Фиданоска