1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се подготвува „сценариото“ за преговорите на Србија со ЕУ

М. Максимовиќ/Б. Георгиевски23 јули 2013

Европската комисија на државите членки денеска им го претставува нацртот на преговарачката рамка со Србија. Насоките за текот на преговорите треба да се усвојат до крајот на годината

https://p.dw.com/p/19CGh
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според извори во кабинетот на комесарот за проширување Штефан Филе, нацртот на документот кој ги претставува принципите и обврските на Србија и на ЕУ во претстојните преговори за членство, веќе е доставен до државите членки, а официјално ќе биде претставен денеска пред работното тело на Советот на ЕУ задолжено за земјите во процесот на проширување. Во рамките на ЕУ почнува разгледувањето на „клучните принципи“ кои, откако ќе се усвои конечниот текст на преговарачката рамка, ќе претставуваат насоки, односно некој вид „сценарио“ за преговорите на Србија со ЕУ.

Преговарачката рамка треба едногласно да ја усвојат сите 28 земји-членки, а се очекува лидерите на ЕУ да ја потврдат на самитот во декември годинава.

Тоа би претставувало „зелено светло“ за одржување на првата Меѓувладина конференција ЕУ-Србија, најдоцна до крајот на јануари 2014. Србија тогаш официјално би ги почнала преговорите за членство, а се очекува први да бидат отворени поглавјата за владеење на правото (23 и 24), како и нормализацијата на односите со Косово (35).

Паралелно со усвојувањето на рамката за преговори, се очекува од септември да се тргне и во процес на анализа на ускладеноста на српското законодавство со европското.