1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се подобрува ли состојбата во училиштата во Македонија?

Антоанела Димитриевска1 септември 2013

Иако во последниве две години целосно се реновираат или градат нови училишни згради во Македонија, сепак и натаму има училишта кои се без тоалети и вода, и кои целосно се распаѓаат.

https://p.dw.com/p/19Zgv
Mazedonische Bauarbeiter renovieren die Schule "Koco Racin" in Veles, Mazedonien.
Фотографија: DW/Antoanela Dimitrievska

За училиштето велат дека е втор дом за учениците - топол и убав, но многу училишта во Македонија изградени пред неколку децении повеќе прилегаат на хорор зграда, наместо топол дом.

Пример за таква негрижа од надлежните со години е сто години старото училиште во Башино Село, на само неколку километри од Велес, а кое е подрачно училиште на централното основно училиште „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Училиштето се распаѓа, има руинирана фасада, а влага има насекаде во објектот. Фасадата пред неколку години е санирана, но само на предната страна. Од задната страна сликата е катастрофална, а најголемиот проблем во објектот е што нема тоалет. Тој се наоѓа надвор од него. Училиштето е со слаба електрична инсталација, поради што владините компјутери, наместо во употреба, стојат заклучени во една од училниците.

Еден од 45-те ученици, колку што минатата година учеле во ова училиште, кое е од прво до петто одделение, за ДВ разочарано ни појаснува:

„Кога врне ни капе од дотраениот покрив, а и не' ни даваат да работиме на компјутерите кои ни стојат заклучени поради, како што ни појаснуваат наставниците, слабата електрична инсталација. Но, најлошо е што немаме тоалет во објектот, туку мораме да одиме надвор од него“.

Револтирани се и родителите на учениците.

„Моето дете учеше таму. На родителските средби често прокиснуваше таванот. Училиштето се реновираше пред неколку години, но тоа беше само шминка на дел од фасадата, а условите за настава останаа исти. Затоа бараме итно да се реновира, а многу од родителите веќе се закануваат дека ќе ги отпишат децата и ќе ги запишат во велешките училишта“, нагласува родителката Донка Минова.

Die Schüler der mazedonischen Schule Jordan Hadzikonstantinov-Dzinot
Ученици играат пред распаднатото училиште „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“Фотографија: DW/Antoanela Dimitrievska

Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев, за разлика од родителите и децата, гледа поинаку на состојбите во ова училиште.

„Таму не е толку алармантна ситуацијата, а скоро пред неколку години училиштето е реновирано. Иако има некои мали проблеми, ние ќе ги отстраниме“, изјави Чадиев за Дојче веле.

Во училиштето во село Сливник, кое е подрачно на централното основно училиште „Васил Главинов“ од Велес, по реакцијата на родителите кои се закануваа со бојкот на наставата, поради тоа што во објектот нема вода и тоалет, работите почнаа да се менуваат. Тоа се случи по посетата на заменик-министерот за образование Сафет Незири.

„Училиштето преку ноќ не може да се реновира, но тоа ќе влезе во програмата за реконструкција на училиштата за 2014 година и ќе биде доградено“, изјави Незири.

Во писмената изјава на Министерството за образование и наука, дадена за Дојче веле, се појаснува: „Во врска со училиштето во село Сливник, покрената е постапка за планската документација да влезе во програмата за реконструкција на училиштето за 2014 година и во соработка со Општина Велес договорена е доградба на објектот и негова реконструкција“.

Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев за Дојче веле изјави дека работите околу изградбата на тоалетите била пред крај и оти тие ќе биле готови пред утрешниот почеток на училишната година.

„Во моментов во завршна фаза се работите околу изградбата на тоалетите и поставување на чешми за вода во училиштето и сето тоа ќе биде готово до почетокот на новата учебна година“, дециден е Чадиев.

Ваква или слична е состојбата со уште неколку училишта во некои од регионите во Македонија, посебно во селата и планинските тешко достапни предели. Од Министерството за образование и наука ветуваат дека „истите постепено ќе бидат вклучени и реновирани во програмите за реновирање за 2014 или наредните години“.

Еден од приоритетите на Владата - училиштата

Abiturienten in "Kole Nedelkovski" Schule in Veles
За разлика од некои други велешки училишта, во училиштето „Коле Неделковски“ во Велес постои можност за користење на владините компјутериФотографија: DW/A. Dimitrievska

Во писмениот допис на Министерството за образование и наука (МОН) до Дојче веле уште се појаснува:

„Еден од приоритететите на Владата на Република Македонија и МОН е унапредување на македонскиот образовен систем во целост, вклучувајќи и унапредување и модернизација на образовната инфраструктура. Податоците говорат дека од 2006 до 2013 година, буџетот на министерството е зголемен за 60 проценти, а најголем дел од средствата се наменети за реконструкција на постоечките, но и изградба на нови училишта“.

Според министерството, „тоа е инвестиција во повеќе од 20 училишни објекти“.

„Нови училишта се градат во Општина Аеродром, Чаир, Арачиново, Шуто Оризари, Вевчани, Сарај... Во многу училишта се вршат и тековни санкции, како промена на покривни конструкции, врати, прозорци, подови и тоалети“, велат од МОН за Дојче веле.

Инаку преку медиумите неодамна беше објавено дека со владиниот проект за реконструкција, изградба и доградба на училиштата се опфатени 64 објекти. За нив државата издвоила 11 милиони евра. Градежните зафати ќе се одвиваат во фази, а проектот ќе финаншира следната година.