1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се преиспитува носењето на одлуките за Нобеловата награда за мир

2 февруари 2012

Шведските власти испитуваат дали Нобеловата награда за мир оди во погрешни раце и дали Комитетот за доделување на наградата со тоа ја крши волјата на основачот Алфред Нобел.

https://p.dw.com/p/13vJ9
Нобеловата плакета заедно со Нобеловиот медал кој им се дава на лауреатитеФотографија: AP

Норвешкиот комитет од 2008-ма добива критики дека наградата се оддалечила од намерата на Нобел да промовира разоружување и мировни конгреси. Причината за разгледување на начинот на кој се носени одлуките е што наградата ја добиваа и борци за заштита на животната средина и активисти за човекови права.

„Тие целосно ја игнорираат желбата на основачот“, вели писателот и активист за мир Фредрик Хефермел. Според него, последните кои реално добиле награда за мир се ОН и нивниот тогашен генерален секретар Кофи Анан, кои ја добија Нобеловата награда во 2001-ва.

Kofi Annan nimmt Nobelpreis entgegen
Тогашниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан ја прими наградата во име на организацијата во 2001- годинаФотографија: AP

Иницијаторот има аргументи

Хефермел, кој е и адвокат по професија, успеа да го привлече вниманието на стокхолмшкиот Државен управен одбор, чија должност е да осигура дека 7.300 регистрирани фондации во земјата ги исполнуваат желбите на нивните мецени.

„Господинот Хефермел има неколку добри аргументи“, рече адвокатот на одборот Микел Виман, кој неделава испрати писмо до фондацијата Нобел со седиште во Стокхолм, со барање да одговори на обвинувањата дека наградата повеќе не одговара на волјата на шведскиот индустријалец, кој почина во 1896-та година.

Додека годишните награди за физика, хемија, медицина, литература и економија се даваат во Стокхолм, Нобел нагласил дека комитет назначен од норвешкиот парламент треба да го одбира добитникот на наградата за мир. Затоа таа се доделува во Осло.

„Ја отфрламе идејата дека немаме почит за неговата волја. Ќе ја испратиме нашата изјава на 15-ти март и мислам дека тоа ќе биде крај на таа тема“, рече Геир Лундестад, извршен секретар на норвешкиот комитет.

Obama / Nobelpreis / Oslo
Американскиот претседател Барак Обама со Нобеловите плакета и медал во рацетеФотографија: AP

Заврши рокот за номинирање кандидати

Хефермел смета дека активисти за човекови права како Лиу Сиаобо, затворениот кинески дисидент кој ја доби наградата во 2010-та, или застапниците на сиромашните, како Мухамед Јунус, кој ја доби наградата во 2006-та за популаризирање на микрокредитите, се добри луѓе, но погрешни за наградата.

Во 2007-ма година наградата отиде во рацете на активистот за кревање на свеста за климатските промени Ал Гор, а во 2009-та во рацете на Барак Обама за „извонредни напори“ за поттикнување на меѓународната дипломатија.

„Дали го гледате Обама како промотор на укинувањето на војската како средство во меѓународните работи?“, праша Хефермел.

Вчера заврши номинирањето на кандидатите за годинашната Нобелова награда за мир. Меѓу нив се рускиот борец за човекови права Светлана Ганушкина, затворената поранешна украинска премиерка Јулија Тимошенко и кубанските активисти Освалдо Паја и Јоани Санчез.

Автор: Александар Методијев /СН/ап/ројтерс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска