1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се судрија приврзаниците и противниците на Мубарак

2 февруари 2011

Во центарот на Каиро дојде до судири меѓу противниците и приврзаниците на египетскиот претседател во кои има повеќе повредени лица. Светските лидери го повикаа Мубарак на што побрза транзиција на власта.

https://p.dw.com/p/109Ao
Сцена од денешните судири на централниот плоштад во КаироФотографија: AP

Главните судири денеска (02.02) се случија на централниот плоштад Тахрир, откако неколку стотици приврзаници на Мубарак влегоа меѓу неколку илјади демонстранти кои веќе деветти ден протестираат за ставање крај на 30-годишното владеење на претседателот. Некои од приврзаниците на Мубарак навлегоа на плоштадот јавајќи на коњи и камили и мавтајќи со стапови. Во судирите што избија потоа двете страни употребуваа тупаници, стапови и камења. Демонстрантите за светските агенции изјавуваа дека некои од поддржувачите на Мубарак биле припадници на омразената полиција облечени во секојдневна облека. Министерството за внатрешни работи, меѓутоа, потоа ги демантираше ваквите тврдења.

Ägypten Kairo Proteste Demonstrationen Zusammenstöße NO FLASH
Фотографија: AP

Ел Барадеј: Ова е тактика на застрашување

Многу луѓе побегнаа од плоштадот во паника, меѓутоа најголемиот дел од анти-владините демонстранти порачаа дека и натаму ќе останат на плоштадот Тахрир се’ додека Мубарак не поднесе оставка. Агенциите јавуваат за десетици повредени во судирите. Телевизијата Ал Џазира, пак, извести дека припадниците на армијата, кои иако беа присутни не интервенираа за спречување на судирите, со употреба на мегафони ги повикувале демонстрантите да ги запрат судирите.

Опозицискиот политичар Мохамед Ел Барадеј веднаш ги обвини властите дека употребуваат „тактика на застрашување“:

„Јас сум многу загрижен. Ова е уште еден симптом, уште една индикација за криминалниот режим кој извршува криминални акти“, изјави Барадеј за радиото Би-Би-Си.

Тој, притоа уште еднаш го повика претседателот Мубарак да замине од власта.

Критикуваниот претседател, инаку, вчера преку државната телевизија најави дека нема повторно да се кандидира на претседателските избори во септември, но и оти нема да поднесе оставка.

„Прва моја обврска сега ќе биде да ги повратам безбедноста и стабилноста. Во наредните месеци на мојот претседателски мандат ќе преземам чекори за мирно предавање на власта“, порача Мубарак.

Proteste in Kairo Flash-Galerie
Фотографија: Picture-Alliance/dpa

Светот бара политичка транзиција во Египет

Говорот на претседателот не ги смири опозиционерите, кои и денеска излегоа на протести во кои повторно порачаа дека сакаат претседателот веднаш да поднесе оставка.

Во меѓувреме расте и притисокот на меѓународната заедница врз Мубарак да ја напушти власта, а неговиот најголем сојузник САД му упатија недвосмислена порака дека политичката транзиција мора да започне веднаш.

По говорот на египетскиот претседател, американскиот претседател Барак Обама, водел получасовен телефонски разговор со Мубарак.

„Она што вечерва му кажав на претседателот Мубарак е дека сега во неговата земја мора да почне спроведување на организирано, темелно и мирно предавање на власта. Тој согледа дека статус кво ситуација натаму не е одржлива, и дека промените мора да бидат спроведени“, изјави Обама.

Слични пораки до Мубарак за итна транзиција на власта упатија и лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Турција, а последна таков апел попладнево упати и ЕУ.

Автор: СН/БГ/ртре/дв/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема