1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се‘ уште без договор во спорот околу гасот меѓу Русија и Украина

Агенции (Ж.А.)12 јануари 2009

Русија одбива да го спроведе договорот со Украина околу спорот со гасот зашто Киев по неговото потпишување од страна на Москва направил дополнување.Украина во меѓувреме е подготвена да го повлече додатокот на договорот.

https://p.dw.com/p/GWK9
Се‘ додека Украина не го повлече додатокот кон договорот, славините за гасот кон Европа остануваат затворениФотографија: picture-alliance / dpa

Русија го доведе во прашање договорот за меѓународно надгледување на транспортот на гасот, посредуван од ЕУ, зашто Украина го дополнила со уште еден дел, свое објаснување за спорот. Руската агенција Интерфакс јавува дека документот треба да биде повторно потпишан.

Рускиот претседател Дмитри Медведев е категоричен, се‘ додека Украина не го повлече документот, договорот нема да стапи во сила:

„Овој акт во суштина е насочен кон минирање на постигнатиот договор за контрола на транзитот на гас. Тој има провоцирачки, деструктивен карактер“, тврди Медведев.

Украина ветува повлекување на додатокот на документот

Украина во меѓувреме дала усно ветување дека ќе го повлече дополнувањето на документот. Тоа е издејствувано со итното посредништво на претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо и чешкото претседателство со ЕУ. Барозо во телефонски разговор со украинскиот премиер Јулија Тимошенко добил уверување дека дополнувањето ќе биде одделено од договорот и нема да има никакви влијанија на важноста на документот, соопшти неговиот портпарол во Брисел. Портпарол на рускиот премиер Владимир Путин во Москва исто така соопшти дека чешкиот премиер Мирек Тополанек го уверил Путин дека украинското дополнување не е дел од документот.

Russland stimmt Abkommen über internationale Gas-Kontrolleure zu
Рускиот премиер Владимир Путин и чешкиот, Мирек Тополанек при постигнувањето на договорот во спорот околу гасотФотографија: picture-alliance/ dpa

Европа е соочена со проблеми

Спорот меѓу Русија и Украина околу повисоки цени на гасот, предизвика големи тешкотии во снабдувањето на Европа со гас. Од средата преку Украина во правец на запад гас не стигнува воопшто. Русија ќе ги отвори повторно славините кога транзитот преку Украина ќе биде надгледуван од меѓународни набљудувачи, бидејќи го обвинува соседот дека краде од гасот наменет за Европа.

Рускиот премиер Владимир Путин изјави дека рускиот концерн „Гаспром“ веќе има околу 800 милиони долари загуби поради неиспорачаните количества гас.

Денеска министрите за енергетика од земјите на ЕУ ќе се советуваат околу проблемите со лиферувањето гас и последиците. Тежиште на разговорите треба да биде подобрувањето на сигурноста во снабдувањето со енергија преку изградба и поврзување на гасоводната мрежа на државите од средна и источна Европа.