1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се’ што треба да се знае за Евросонг 2011

24 март 2011

Иако големото финале во Дизелдорф е далеку, подготовките за најголемиот музички фестивал во Европа се во ек . Не поминува ниту ден без да се појават некои нови детали во јавноста за Изборот на песна на Евровизија.

https://p.dw.com/p/10TNa

Под слоганот „Почувствувај го ритамот на твоето срце!“ (Feel your heartbeat!), оваа година, на 56-тиот натпревар на песна на Евровизија во Дизелдорф, ќе учествуваат претставници од 43 земји. Најголемо изненадување е секако враќањето на Италија, која учествуваше на Евровизија последен пат пред 14 години. На Евровизија, по четиригодишна пауза, се враќа и Австрија, а потоа Унгарија по две, и Сан Марино, кој го направи своето деби во 2008 година во Белград.

Слоганот, инаку, е придружен со соодветно лого во знакот на пулсирачко срце, нацртано во боите на германското знаме. Графичкиот дизајн е дело на британски дизајнер, инспириран од минатогодишниот победник Лена Мајер-Ландрут, која за време на преносот на своите фанови им изрази благодарност со затворање на прстите во облик на срце.

Билетите речиси распродадени

Logo Eurovision Song Contest 2011
„Почувствувај го ритамот на твоето срце!“ - слоган на овогодинешниот изборФотографија: ESC

Ова ќе биде трето евровизиско натпреварување кое се одржува во Германија – прво од обединувањето на Германија. Поточно, вториот избор за песна на Евровизија беше одржана во Франкфурт, но само поради тоа што во 1957 се‘ уште не беше воведено правилото дека организацијата на натпреварот и‘ се доверува на земјата- победник на натпреварот. Во 1983 година, тоa сепак, беше случај. Благодарение на победата на композицијата „Малку мир" (Ein bisschen Frieden) на Ралф Зигел, која ја изведе Никол Зајберт, Евровизија беше одржана таа година во Минхен.

Водителското трио

Во средината на јануари имаше промени во тимот на Евровизија. Наместо Сванте Стокселиус, функцијата супервизор на натпреварот ја презеде Норвежанецот Јон Ола Санд, кој досега работеше како шеф на норвешката делегација, извршен продуцент на Евровизискиот фестивал во Осло, и на преносот на доделувањето на Нобеловите награди.

Eurovision Song Contest Düsseldorf 2011 Flash-Galerie
Фотографија: Stadt Düsseldorf


Изборот на водител-домаќин на Евровизија најверојатно не изненади никого. Германската актерка Анке Енгелке е родена во Монтреал, Канада и зборува француски, што е исто така еден од условите кои водителскиот тим мора да ги исполни. Лениниот „гуру", познатиот телевизиски продуцент и водител Штефан Раб, исто така е дел од водителското трио. Ова за него е веќе петто учество на Евровизија - во 1998 и 2004 се појави како автор на песните кои ја претставуваа Германија на Евровизија. Во 2000 година и самиот тој како изведувач ја претставуваше својата земја и заврши како петти, а во 2010 година беше извршен продуцент на националниот избор во Германија „Нашата ѕвезда во Осло" ("Unser Star für Oslo") и ментор на актуелната евровизиска победничка. Во водителскиот тим е и едно лице на германскиот јавен радиодифузер АРД, водителката на дневникот Јудит Ракерс.

На наредната страница: Како ќе се гласа оваа година?

Европската радиодифузна унија, која е носител на правата и организатор на Евровизија, принципот на избор на претставници им го препушта на националните радиодифузни сервиси. Затоа и некои едноставно ги именуваат изведувачите и композициите. Додека во некои држави традиционално се‘ уште се организираат музички фестивали.

Германија, ја поддржа идејата на Штефан Раб, Лена оваа година да ја брани титулата победник.Тоа на почетокот на историјата на Евровизија беше честа појава. Повеќе победници во текот на 50-тите години, ја претставуваа својата земја на Евровизија и наредната година, како Лис Асије, првата победничка која и наредната година ја претставуваше Швајцарија.

Lena Meyer-Landrut Flughafen Stefan Raab Eurovision Song Contest Flash-Galerie
Лена Мајер-Ландрут и Штефан Раб - ќе ја потврдат ли победата и годинава?Фотографија: picture alliance/dpa

Гласање исто како минатата година

Нема најави дека оваа година повторно би можело да дојде до промена во правилата за гласање. Минатогодишниот концепт се покажа доволно успешен. Последен пат една од членките на „големата четворка" победи во 1997 година. Оттогаш, Велика Британија, Шпанија, Франција и Германија, кои го сносат најголемиот дел од трошоците за организација на овој музички натпревар, немаа успех. Патем, со враќањето на Италија „големата четворка“ повторно станува „големата петорка“.
И во полуфиналната и финалната вечер гласаат и гледачите и жирито. И едните и другите одлучуваат кој влегува во финалето, но и кој победува (50:50), со тоа што гледачите од минатата година имаат можност да гласаат во текот на комплетниот ТВ-пренос. Од еден број може да се гласа 20 пати за еден или повеќе изведувачи.

Гласовите, всушност повеќе од 10 милиони повици и пораки на повеќе од 200 телефонски оператори, ќе пристигнуваат во Келн, каде што компанијата „Дигаме", на која и‘ е доверена задачата да го надгледува гласањето во сите земји кои учествуваат и гласаат на Евровизија, а потоа да го проследи извештајот до супервизорот на натпреварот. Преносот на Евровизискиот натпревар го следат преку 120 милиони гледачи, или повеќе отколку што во САД го следат доделувањето на Оскарите и фудбалскиот Супербол заедно.

Автор: Јаков Леон/Марија Пешовска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска