1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикален протест во Скопје

Горан Петрески 15 ноември 2008

Сојузот на синдикатите на Македонија организираше протести против новиот Закон за работни односи, кој според синдикалните тврдења драстично ги намалува работничките права.

https://p.dw.com/p/FvKi
Синдикатот незадоволен со новиот Закон за работни односи во МакедонијаФотографија: AP

Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека измените и дополнувањата на Законот за работни односи се штетни за работниците особено одредбите што се однесуваат на технолошкиот вишок, годишниот одмор и на продолжувањето на договорите на определено време.

Работниците, кои синоќа во голем број се собраа во центарот на Скопје го искористија протестот да испратат порака дека нивната состојба станува неиздржлива.

Кои се барањата на синдикатот?

Синдикатот бара да се укинат последните измени и дополнувања на Законот за работни односи. Исто така, работниот стаж, покрај возраста да биде услов за пензионирање, законски да се утврди минималната плата, како и да се донесе закон со кој материјално ќе се обезбедат сите стечајни работници прогласени за технолошки вишок. Синдикалниот лидер, Ванчо Муратовски, побара да се воведат мерки за сузбивање на неконтролираното зголемување на цените на основните прехранбени производи, за да се зачува животниот стандард на работниците.

ССМ се закани, дека ако протестот не даде ефект ќе организира генерален штрајк. Синоќешниот мирен протестен работнички собир беше поддржан од опозициската партија СДСМ.