1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикатите бараат жртви и од топ-менаџерите

19 јули 2004
https://p.dw.com/p/AeQj

Од денеска во Германија се испраќаат формуларите за помош во случај на невработеност и за социјална помош според заклучените реформи што ќе стапат на сила на 1. јануари 2005-та. Синдикалните организации предупредуваат дека новите законски одредби ќе значат натамошно осиромашување на голем број семејства.

Стотици илјади лица, пред се жени, со новиот систем нема да добиваат повеќе никаква социјална помош и со тоа ќе бидат втурнати во крајна сиромаштија, оцени заменик претседателот на една од најголемите синдикалните организации Верди, Маргрет Мениг Раане. Според проценките на синдикатите станува збор за околу 500.000 лица, кои со новите одредби пропаѓаат низ мрежата на социјалната помош.

Од друга страна продолжува дебатата околу продолжувањето на работната недела и тоа без надомест. Повеќе синдикални организации, но и политичари во Германија ги повикаа директорите на големите фирми и тие да се откажат од дел од нивните високи примања, кога веќе тоа го бараат од работниците. Премиерот на покраинската влада за Северна Рајна Вестфалија, Пеер Штајнбрик, инаку од СПД, посочи дека е неправедно топ-менаџерите да заработуваат 240-пати поголеми плати од нивните вработени. Пред 30 години директорите заработуваа до 30 пати повеќе.

Неговиот колега од покраината Рајнланд Фалц, Курт Бек, нагласи:

“Ако нешто бараат од работниците, тогаш и шефовите би требало да го сторат тоа и да дадат добар пример. Кај оние кои заработуваат по 5, 6, или 7 милиони евра годишно, сметам дека треба да се откажат од 10% од нивните приходи.“