1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикатите до Филе-ја сакаме ЕУ, но да не ги негира Македонците!

22 октомври 2011

Македонските синдикати испратија отворено писмо до еврокомесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе во кое протестираат поради бришењето на зборот „македонски“ во Извештајот на ЕК за напредокот на државата.

https://p.dw.com/p/12wyJ
Отворено писмо до ФилеФотографија: AP

„Од името на македонските работници и целиот работен народ на нашата држава, Ви испраќаме остар и енергичен протест заради обидите на Европската комисија за бришење на македонскиот идентитет преку негирање на македонскиот јазик и заради Вашата отворена поддршка на грчките позиции во овој неправеден и правно непоткрепен спор, кој Грција го има со нашето име и идентитет“, пишува во писмото-реакција на синдикатите.

Претседателите на Конфедерацијата на слободни синдикати, Сојузот на синдикати на Македонија и Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија, Раско Мишковски, Живко Митровски и Слободан Антовски, му пишуваат на Филе дека од ЕУ бараат да ги почитува „меѓународно загарантираните и основни права да бидеме Македонци, а нашиот јазик и нашиот идентитет да бидат македонски“, исто како што македонскиот работник ги почитува слободарството и правдата кои се принципи и на Европската Унија.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

„Ние ги сакаме европските вредности. Ја сакаме Европската Унија како реалност која може да придонесе за подобрување на стандардот, за можностите за економски развој и за нови вработувања, но тие евентуални придобивки не сакаме да ги стекнеме по цена на негација на Македонците и македонското, факти кои се реалност и од кои немаме намера, ниту пак право да отстапиме. Не, ние дури и отворено се спротивставуваме на ваквиот империјализам во обид, каков што се обидувате да го промовирате со бришењето или преименувањето на македонското во нас... Изградбата на Република Македонија е резултат на вложувањето на труд, знаење, енергија и ресурсот на македонскиот работник, на нашата чесна работа и ние нема да дозволиме од било кој да бидеме понижени преку отворени негирања на она што сме и нема да ги прифатиме, а и нема да ги дозволиме обидите да не бидеме Македонци“, стои во реакцијата на ККС, ССМ и УНАСМ.

Писма-реакции за неименувањето на македонскиот јазик во извештајот и од институциите на ЕК до еврокомесарот Штефан Филе испратија и ректорите и претседателите на студентските парламенти на универзитетите во Скопје, Битола и Штип, а со реакција вчера се огласи и Друштвото на писателите на Македонија.

Автор: ЖА/СН/миа

Редактор: Жана Ацеска

-