1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириската влада одлучува околу прекин на огнот

ЕМФ/дпа25 октомври 2012

Можат ли Сиријците да се радуваат на прекин на огнот за време на исламскиот празник Курбан Бајрам? Режимот во Дамаск денеска (25.10) треба да ги отвори картите.

https://p.dw.com/p/16W1F
Фотографија: PHILIPPE DESMAZES/AFP/Getty Images

Сириската влада денеска треба да ја соопшти својата одлука околу евентуален прекин на огнот за време на четиридневното празнување на Курбан Бајрам, кое почнува утре. Во Дамаск се вели дека армиското раководство ќе ја разгледа можноста за прекин на огнот. Специјалниот пратеник Лакдар Брахими веќе соопшти дека режимот на Башар ал-Асад дал согласност за четиридневен прекин на огнот.

„По мојата посета на Дамаск може да кажам дека сириската влада се согласи со прекин на огнот за време на празниците.“

Советот за безбедност на ОН се приклучи на барањето на Брахими за пауза на борбите. „Советот за безбедност ги повикува сите страни, а особено сириската влада како посилна страна, да реагираат позитивно на иницијативата на специјалниот пратеник“, се вели во изјавата објавена вчера во Њујорк. Претходно, Лакдар Брахими го информираше Советот за безбедност за актуелната ситуација во Сирија. Според германскиот амбасадор во ОН, Петер Витих, Брахими пренесол „мрачна и драматична слика“. Сепак, Брахими по обраќањето во Советот за безбедност изјави дека е оптимист што се однесува до прекин на огнот во Сирија. Асад сигнализирал согласност. Витих меѓутоа предупредува дека не треба да се биде проглем оптимист. „Остануваме претпазливи. Мора да бидеме реални - Асад често го прекршуваше тоа што го ветуваше“, вели Витих.

Ägypten Syrien Bürgerkrieg Vermittler Lakhdar Brahimi in Kairo Pressekonferenz
Лакдар БрахимиФотографија: Reuters

На иницијативата на Лакдар Брахими и покрај сите проблеми се гледа со надеж. Алжирскиот дипломат е убеден дека ако иницијативата биде успешна, таа може да биде вовед во политички процес за решение на 19-месечниот конфликт. Сириската опозиција меѓутоа се сомнева во волјата на режимот на Асад за спроведување на прекин на огнот. „Сирискиот режим не е искрен“, изјави за ДПА портпаролот на опозициониот Сириски национален совет Џорџ Сабра. Членот на опозициониот Национален совет Халит Хоча пак, за турската агенција Анадолу рече дека многу сириски градови се опколени и напаѓани од милиции врз кои владата тешко дека има контрола. Без меѓународно набљудување прекин на огнот не може да се одржи, оцени Хоча.

Групата Ал Нусра Фронт, која е блиска на терористичката мрежа Ал Каеда, веќе најави дека меѓу нејзе и режимот на Асад пукањето нема да престане. Досега групата има преземено одговорност за повеќе бомбашки напади во земјата.