1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирискиот конфликт добива меѓународно ширење?

Александар Методијев/ројтерс/афп25 јуни 2012

Инцидентот со рушењето на турскиот воен авион од страна на Сирија може меѓународно да го прошири 16-месечниот бунт во Сирија. Осуди и повици на смиреност стасуваат од повеќе страни во светот.

https://p.dw.com/p/15KpD
Фотографија: REUTERS

Турската влада денеска треба да одржи состанок на кој ќе расправа за петочниот инцидент, кога сириската војска собори турски воен авион. Велика Британија го оцени нападот во источниот дел од Медитеранот како срамен и порача дека е подготвена да даде поддршка за силна акција во ОН.

Франција, преку својот министер за надворешни работи Лорен Фабиус, денеска порача дека рушењето на турскиот борбен авион е неприфатлив чин.

„Овој авион не носеше вооружување и беше на рутински лет. А, претходно немаше предупредување. Ова е сосема неприфатливо“, рече Фабиус.

Кина повика на смиреност, откако Турција побара состанок на НАТО за инцидентот со соборувањето на леталото. „Кина обрнува внимание на развојот на настаните. Во моментов, ситуацијата во регионот е екстремно компликувана и чувствителна. Се надеваме дека засегнатите страни ќе покажат смиреност и оти преку дипломатски ќе постигнат соодветно решение, за ситуацијата дополнително да не ескалира“, рече портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Хонг Леи.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон го нарече нападот „дрзок и неприфатлив“, како и дека официјален Вашингтон ќе соработува од близу со Анкара во промоцијата на транзицијата во Сирија.

Турскиот печат ја поздравува одлуката на премиерот Реџеп Таип Ердоган за активирање на членот од договорот за основање на НАТО алијансата, со кој сите нејзини членки штитат една членка при закана за нејзината безбедност.