1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириските бунтовници му поставија ултиматум на Хезболах

ЖА/дв/дпа/ртре29 мај 2013

Во битките кај градот Кусаир милициите на Хезболах првпат интервенирале масивно во соседната Сирија. Шефот на сириските бунтовници Идрис побара повлекување на шиитските борци во рок од 24 часа.

https://p.dw.com/p/18fyf
Фотографија: Reuters

Тонот на шефот на Генералштабот на Слободната сириска армија, Салим Идрис, кога преку ТВ АЛ-Арабија се закани на Хезболах, беше вообичаено гласен и агресивен: „Хезболах ќе биде нападнат дури и во пеколот“.

Тој им даде рок од еден ден на шиитските единици за да се повлечат целосно од сириска територија. Во краен случај, милициите кои им помагаат на сириските трупи на претседателот Башар ал Асад, ќе бидат гонети дури до нивниот роден Либан.

„Иранска инвазија“

Сирија стана жртва на иранска инвазија, е оценката на Идрис, зашто Иран го вооружува Хезболах. Само во борбите кај градот Кусаир на границата кон Либан од оваа земја во Сирија преминале и се бореле околу 1700 борци на Хезболах.

Ова ги подгрева стравувањата за прелевање на граѓанската војна во Сирија во соседен Либан. Претходниот ден во граничната област беа убиени тројца либански војници. На викендот првпат од почетокот на конфликтот беа испалени ракети во главниот град Бејрут.

Во Женева денеска со проблемот на ангажманот на странски борци во Кусаир ќе се зафати и Советот на ОН за човекови права. Предлог резолуција, подготвен од САД, Турција и Катар, предвидува осуда на агресијата, пред се‘ од либанскиот Хезболах, без да го именува директно.

Syrien Militärchef der Rebellen Salim Idriss im Europaparlament
Салим ИдрисФотографија: picture-alliance/dpa

Мировната конференција за Сирија според информации на дипломати на ОН, може да биде одржана за околу три недели. Како термин се споменуваат 15 и 16 јуни. Русија пак смета дека одржувањето на конференцијата е загрозено со истекот на ембаргото на ЕУ за испорака на оружје во Сирија.

Пофалби за ЕУ од САД

Додека САД ја поздравија одлуката на Европејците, оценувајќи дека ќе биде од помош, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја нарече „нелегитимна“. Продажбата на оружје на недржавни претставници е меѓународно забранета, вели Лавров. Завршувањето на ембаргото е грешка, истакна и заменикот министер Сергеј Рјабков во Москва. Истовремено, тој ја оправда продажбата на супермодерен противракетен одбранбен систем од типот С 300 на Сирија. Се работи за испорака на системот на легитимните властодржци, кој служи за одвратување на „надворешните“ сили во регионот. Токму тоа пак наиде на критика. Израелската влада синоќа се закани дека ќе го бомбардира рускиот ракетен систем С-300 доколку тој биде инсталиран на сириската територија.

„Испораката на руското оружје не е почната и се надевам дека таа, сепак, нема да се изврши. Но ако ракетите се најдат во Сирија тогаш ние ќе знаеме што да направиме“, изјави во Тел Авив израелскиот министер за одбрана Моше Јалон.

Израелската влада смета дека поставувањето на софистицираното руско оружје на сириска територија ќе го наруши сегашниот баланс во регионот на Блискиот Исток и ќе претставува закана за Израел и за израелскиот воздушен простор.