1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириски авиони првпат гранатираа палестински камп

Александар Методијев/ројтерс/афп16 декември 2012

Сириски борбен авион денеска (16.12) испукал најмалку две ракети врз палестински бегалски камп во Дамаск. Ова се случува првпат од избувнување на 21-месечниот конфликт против претседателот Башар ал-Асад.

https://p.dw.com/p/173RV
Фотографија: Getty Images

Активисти од Дамаск ги информираа новинските агенции дека десетици луѓе се убиени при ова гранатирање. Најмалку една од ракетите погодила џамија во кампот, а било стрелано и на локалната болница. Според сириската опозиција, во нападот има и неколку повредени лица.

Авионскиот напад на кампот Јармук беше шестиот денешен напад од воздух врз делови на Дамаск, информира Сириската опсерваторија за човекови права.

„Војската чувствува дека мора да ја засили својата кампања за да го потисне бунтот во јужниот дел на Дамаск и дека не може да се избори со бунтовниците без да се употреби сила од воздух“, објаснува директорот на опсерваторијата Рами Абдел Рахман.

„Во однос на Палестинците - тие се поделени во врска со конфликтот и се борат за двете страни“, додаде тој.

Денешните борби на повеќе места во Сирија се случија откако вчера беа убиени најмалку 158 лица - 47 цивили, 64 бунтовници и 47 војници. Повеќе од 43.000 луѓе се убиени во востанието против владеењето на претседателот Башар ал-Асад, кое изби во март 2011 година. Податоците се од Сириската опсерваторија за човекови права, која бројките ги добива потпирајќи се на мрежа од активисти и медицински лица на теренот.