1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириски врвен политичар на страната на бунтовниците

8 март 2012

Сириски политичар од владата преминал на страната на бунтовниците. Во САД се разгледуваат опции за интервенција во Сирија, а Русија во ОН ја обвини Либија за воена поддршка на сириските бунтовници.

https://p.dw.com/p/14Gzy
Фотографија: youtube.com

Заменикот министер за нафта на Сирија Адо Хусамедин поднесол оставка и, според сопствени наводи, преминал на страната на бунтовниците. Во видеозапис објавен преку Јутјуб, Хусамедин изјавил дека отсега ќе ги поддржува бунтовниците. Вистинитоста на интернет-видеото се’ уште не е утврдена.

САД, во меѓувреме, ги разгледува можностите за воена опција во Сирија, откако во земјата не запира насилството. Една од мерките би било воведување на зона за забрана на летови, изјави шефот на Генералштабот Мартин Демпси пред одборот за одбрана во американскиот Сенат. Исто така, се разгледуваат можностите за хуманитарна мисија, надгледување на поморските патишта и ограничени воздушни напади. За евентуална интервенција нема детален план. Различните опции се’ уште не биле разгледани со претседателот Барак Обама. Обама во моментов смета дека економските санкции и дипломатскиот притисок се најсоодветното средство, за претседателот Башар aл-Асад да биде принуден на оставка.

Русија, во меѓувреме, ја обвини либиската влада дека се погрижила за воена обука на бунтовниците во Сирија. Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин пред Советот за безбедност на ОН изјави дека неговата земја добила информации за „специјални тренинг центри за сириските револуционери“. Москва исто така била загрижена поради „неконтролираното ширење на либиско оружје во регионот“.

Либискиот премиер Абдурахим ел Каиб, присутен на седницата, не зазема став по обвинувањата. Тој претходно се изјасни дека неговата земја и пружа финансиска помош на опозицијата во Сирија.

Автор: АТ/ АМ/ дв

Редактор: Е. М. Фиданоска