1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириски гранати паднаа на ирачка територија

Александар Методијев/афп/бета8 септември 2012

Едно девојче загина, а четири лица се ранети во текот на ноќта откако гранати испалени од сириска територија паднаа во град во близина на ирачко-сириската граница, потврдија безбедносните и медицинските органи.

https://p.dw.com/p/165O4
Фотографија: AP

Четири смртоносни гранати го погодија Ал Каим кратко пред полноќ, рече армискиот капетан Али Џуваир, додавајќи дека две од гранатите погодиле две куќи во градот. Џуваир рече дека притоа загинало четири годишното девојче, а четирите повредени лица биле пренесени во болница.

Во Ал Каим се наоѓа еден од трите главни гранични премини меѓу Ирак и Сирија. На сириската страна од границата, местото Албу Камал во последните неколку недели стана упориште на жестоки борби меѓу приврзаниците на сирискиот претседател Башар ал-Асад и припадниците на бунтовничката Слободна сириска армија.

Сириската Опсерваторија за заштита на човековите права соопшти дека вчера (07.09.) загинале најмалку две деца во бомбардирањето на Албу Камал. Според податоците на оваа организација со седиште надвор од земјата, од март минатата година, кога започнаа судирите во Сирија, во земјата загинале повеќе од 20.000 луѓе.