1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија да се откаже од насилство

ЕМФ/дв/афп11 мај 2012

Советот за безбедност на ОН остро го осуди нападот што се случи вчера (11.05.) во Дамаск, во кој загинаа неколку десетици луѓе, а стотици беа ранети. Сирија за нападот ги обвини „терористите“.

https://p.dw.com/p/14tdo
Фотографија: Reuters

Во заедничка изјава на членките на Советот за безбедност, највисокото тело на ОН бара од страните во сирискиот конфликт да стават крај на насилството и да го спроведат мировниот план на специјалниот пратеник Кофи Анан. Анан нападот го нарече „одвратен“ и „неприфатлив“.

Во експлозија на две бомби во главниот град на Сирија вчера, според официјални наводи, загинаа 55 луѓе, а повредени се повеќе стотици. Сириското раководство за нападот ги обвини „терористите“. Опозицијата од себе отфрла каква и да е одговорност за нападот.

Раководителот на набљудувачката мисија на ОН во Сирија, генерал Роберт Муд, вчера го посети местото на настанот и побара ставање крај на насилството. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле и првиот дипломат на ЕУ, Кетрин Ештон, исто така го осудија нападот. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун од сите страни во конфликтот побара дистанцирање од „бомбашки атентати и други терористички акти“. Кина и Русија повикаа на смиреност. Американското министерство за надворешни работи нападите ги окарактеризира како „насилство за кое нема оправдание“. САД истовремено најавија дека ќе дадат 40 милиони долари помош за поддршка на бегалците во соседните земји на Сирија.