1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија: Исламистите зазедоа христијански град

ЖА/дв/дпа/миа3 декември 2013

Во Сирија не престануваат борбите. Христијанскиот град Малула паднал во рацете на бунтовниците. ОН во меѓувреме објавија - имаат собрано докази за извршени воени злосторства од страна на сирискиот режим на Асад.

https://p.dw.com/p/1AS9F
Фотографија: Reuters

Џихадистичките борци, според информациите на опозициониот Сириски центар за мониторинг на човековите права го зазеле историскиот христијански град Малула северно од Дамаск.

Бунтовниците го нападнале градот туркајќи автомобилски гуми наполнети со експлозив кон позициите каде што биле стационирани владините војници и успеале да го заземат по тридневни жестоки борби.

Малула претставува симбол на раното христијанство во Сирија, а околу 5.000 негови жители спаѓаат во многу малиот број луѓе во светот кои денеска зборуваат арамејски, јазикот на Исус Христос. Судирите почнаа кога владините сили тргнале во напад за да преземат контрола врз неколку градови и села на стратешката линија долж автопатот Дамаск-Хомс. Сирискиот центар наведува дека во заземањето на Малула учествувале неколку исламистички групи, меѓу кои и фронтот „Ал-Нусра“, кој важи за огранок на Ал Каеда.

Бунтовниците, откако го зазеле градот, грабнале 12 сириски и либански калуѓерки, јави Радио Ватикан, повикувајќи се на папскиот нунциј во Сирија, Марио Зенарио.

„Сѐ уште не ги знаеме мотивите, не знаеме дали се работи за грабнување или за преземање на манастирот“, изјави папскиот нунциј.

Moschee und Kirche in Maalula
Црква и џамија во МалулаФотографија: picture-alliance/dpa

Сириските државни медиуми претходно соопштија дека бунтовниците влегле во православниот манастир Мар Такла, во центарот на градот. Во манастирот живеат околу 40 калуѓерки и сирачиња, како и неколкумина жители на овој град, во кој бунтовниците првпат влегоа во септември, што предизвика жестоки судири со војската.

Речиси 126.000 жртви во сирискиот конфликт

Во сириската граѓанска војна досега животот го загубиле речиси 126.000 лица, соопшти вчера Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, невладина про-опозициска организација со седиште во Лондон.

Групата, која се повикува на мрежа активисти, адвокати и лекари на терен во Сирија, наведува дека меѓу жртвите 44.381 се цивили, од кои 6,627 деца и 4.454 жени. Според податоците на Сирискиот центар убиени се 27.746 опозициски борци, од кои над 19.000 се сириски цивили што земале оружје да се борат против режимот на претседателот Башар ал Асад.

На страната на режимот убиени се 50.927 лица, речиси двојно повеќе отколку жртвите кај опозициските сили.

Navi Pillay
Нави ПилајФотографија: Reuters

ОН: Постојат докази за злосторства против човештвото

Високиот комесар на ОН за човекови права Нави Пилај изјави дека се зголемуваат доказите дека сириски владини претставници, вклучувајќи го и претседателот Башар Асад, се одговорни за злосторства против човештвото и воени злосторства.

Анкетна комисија на ОН претставила многубројни докази „за кои се одговорни лица на највисоко ниво на владеење, вклучувајќи го шефот на државата“, изјави Пилај.

Пилај прецизира дека списоците со осомничени извршители се заклучени во канцеларија и ќе останат таму, сѐ додека не бидат побарани од национални или меѓународни власти.

„Масовноста и сериозноста на извршените злостроства од двете страни во конфликтот во Сирија се речиси незамисливи“, изјави високиот комесар на ОН за човекови права.