1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија и Иран: Спогодба со многу прашалници

Геро Шлис/ Александра Трајковска27 септември 2013

Генералното собрание на ОН годинава донесе придвижување во дипломатските конфликти во Сирија и Иран - вклучително и долго очекуваните позитивни вести, но има и многу непознати.

https://p.dw.com/p/19pEq
Фотографија: Stan Honda/AFP/Getty Images

„Сите се израдувавме, кога дојде министерот за надворешни работи на Иран Сариф и по тонот и содржината се презентираше сосема поинаку“, рече американскиот министер за надворешни работи Џон Кери по мамутската рунда, во која лежеа многу надежи. Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Сариф се сретна со првите дипломати на петте вето сили на ОН САД, Русија, Кина, Франција, Велика Британија и Германија. Тој притоа се претстави сосема поинаку отколку поранешниот ирански претседател Махмуд Ахмадинеџад, кој во Њујорк традиционално креваше врева и провоцираше.

Сариф „донесе некои предлози“, рече Кери „и сега мора да се работи многу, за да се одмерат овие предлози“. Тоа би требало да се случи веќе во октомври во Женева.

Притоа сигурно ќе дојде до размена: Компромис на Иран во атомската програма за олабавување или укинување на болните економски санкции.

Долго очекувано подавање рака

Преговорите меѓу експертите во Женева од многумина се оценуваат како тест за тоа колку намерите на Иран се сериозни: „Зборови не се доволни. Она што се брои се дела, конкретни резултати“, рече во Њујорк и германскиот министер за надворешни работи во заминување Гидо Вестервеле, кој се сретна со него и со иранскиот претседател Рохани два дена претходно.

Gespräch Rohani-Westerwelle
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле и иранскиот претседател Хасан РоханиФотографија: president.ir

Но, и американскиот министер за надворешни работи Џон Кери презема чекор во правец на Иран. По големата средба со вкупно седум министри за надворешни работи тој го прими Сариф на билатерален разговор, на кој дошло и до долго очекуваното подавање рака. Сариф по средбата истакна дека била водена „супстанцијална дискусија“. И тој како и претседателот Рохани повтори дека сериозно ќе се сфати загриженоста на меѓународната заедница и дека Иран ќе докаже дека атомската програма „не е ништо друго освен мировна“.

Метју Дас од вашингтонскиот „Center for American Progress“ ја оцени средбата како охрабрувачка исто како и предлозите кои со себе ги донесе Сариф. Тоа покажува дека помирувачките тонови на иранското раководство се поврзани со негова цврста волја за ангажман за оваа работа.

„Пробив“ во преговорите со Сирија

САД слават уште еден дипломатски успех: Спогодбата со Русија за резолуција на Советот за безбедност на ОН за Сирија. Дипломатите зборуваат дури за пробив. Министерот за надворешни работи Кери по средбата со неговиот руски колега Сегеј Лавров подвлекува: „Постигнавме согласност за резолуција на ОН. Сега работиме исклучиво на тоа да го составиме текстот“.

Iran USA John Kerry zu Annäherung
Американскиот државен секретар Џон КериФотографија: Reuters

Дали навистина, како што тврди американското министерство за надворешни работи во соопштение за печатот, е постигната согласност за „силна и обврзувачка“ резолуција, која во случај на непридржување од Сирија би дозволувала примена на сила, засега постои сомневање.

„Њујoрк Тајмс“ во нацрт текстот не пронајде формално повикување на членот 7 од Повелбата на ОН, кој во вакви случај допушта примена на сила. Во таков случај Русите успеале да се пробијат, оти тие постојано одбиваа автоматски да се примени сила во случај на кршење на резолуцијата.

Во нацрт резолуцијата исто така не се наоѓа укажување за одговорните за смртоносниот хемиски напад во близина на Дамаск.

Сепак германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестевеле текстот го оцени како „чекор во вистинска насока“. Спогодбата буди надеж за вистински обврзувачки рамки, кои на сириското раководство му даваат „јасни норми“ и кои предвидуваат „прецизен временски план“ за отстранување на хемиското оружје.

Резолуцијата не менува ништо во граѓанската војна

Додека Русите и Американците во Њујорк ги слават резултатите од нивните преговри во Сирија и натаму се водат борби, и ден за ден умираат цивили. Како и да биде формулирана резолуцијата на ОН на крајот, тоа нема да смени во прво време ништо во граѓанската војна: „Точно е дека резолуцијата воопшто не нѐ приближува до решение за сириската граѓанска војна“, вели експертот за Блискиот исток Метју Дас. Таа служи само за најитната цел на владата на Обама, во иднина да се спречи употреба на хемиско оружје.

„Иран да се вклучи во разговорите за иднината на Сирија меѓутоа е позитивен сигнал за политичко решение“, вели Дас. На тоа работат дипломатите во Њујорк. Постои можност уште наредните денови да биде објавен термин за меѓународна конференција за Сирја во Женева.