1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија и Либан пред нормализирање на односите

13 август 2008

Сирија и Либан започнуваат преговори за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји. Тоа може да биде пат кон долго очекуваното нормализирање на состојбите.

https://p.dw.com/p/Ew8i
Дамаск: на пат кон воспоставување дипломатски односи со ЛибанФотографија: picture-alliance / dpa

Сирискиот претседател Башар ел Асад ја изненади меѓународната јавност кога на Средоземноморскиот самит во Париз најави дека наскоро ќе преговара за воспоставување дипломатски односи со Либан. Денеска и утре веќе се преминува кон реализација. Новиот либански претседател Мишел Сулејман патува во Дамаск. Дипломатските односи меѓу двете земји можат да бидат пат кон долго очекуваното нормализирање на состојбите.

Односи под печат на историското наследство

Иако Либан од 1943 и Сирија од 1946 година се независни држави, досега двата соседа немаа разменето амбасадори и односите се под печат на историско обременето наследство.

Либан досега од многумина Сиријци не е сметан за независна држава, туку како 19-та провинција и со тоа дел од Сирија. Тоа доаѓа оттаму, што двете држави до Првата светска војна биле дел од Османската империја и дел од Голема Сирија, која се протегала од Кипар до денешен Ирак и ја опфаќала и Палестина. За време на првата Светска војна, во мај 1916 година, Британците и Французите договориле поделба на овој регион на зони на влијание и Либан и Сирија дошле под француска капа. Француската управа во 1920 година формирала христијанско маронистичка либанска мала држава, која шест години подоцна прераснала во Либанска Република, која била под патронат на француската управа. Христијаните таму и денес се ориентирани кон Франција и запад, додека муслиманите кон арапскиот свет, односно кон Сирија.

Постојано сириско влијание

Заради историјата, Дамаск никогаш не престана да го смета Либан за дел од своја територија и да врши влијание во него, политички и воено. Сирија ги инструментализираше и различниѕе етнички и религиозни групи во Либан за време на граѓанската војна од 1975 до 1990 година.

Кратко по почетокот на граѓанската војна во Либан влегоа сириски трупи за да воспостават ред и да го држат Либан под контролоа. Тие останаа таму и по крајот на граѓанската војна. Беа повлечени дури во 2005 година, откако во Бејрут дојде до антисириски протести поради убиството на поранешниот премиер Рафик Харири, во што веројатно и Сирија имала замешано прсти.

Дамаск досега негира одговорност за ова убиство и другите кои следеа. Но, за да избегне меѓународна изолација зазеде помирлив курс кон Бејрут. Сепак, аналитичарите се скептични во однос на преговорите за нормализација на односите, тие не веруваат во пресврт од 180 степени во сириското однесување. Тие предупредуваат, успехот или неуспехот на политичките договори ќе се мери само според конкретните дела кои ќе следат.