1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија не ја повлекува војската според планот

Александар Методијев /афп/ројтерс7 април 2012

Сириските власти денеска продолжија со нападите врз областите во кои е сместена опозицијата, убивајќи притоа 52 лица, информираа претставници на сириската опозиција. Критика стаса и од американскиот амбасадор во Сирија.

https://p.dw.com/p/14ZGj
Фотографија: dapd

Последниот напад донесе нов бран од илјадници бегалци кои спас за преживување бараат во Турција. Но, во денешните напади се убиени и 28 членови на безбедносните служби.

А, следната недела треба да започне примирјето, за кое двете страни се согласија. И власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за продолжувањето со пукањето. Но, американската администрација преку својот амбасадор во Сирија објави сателитски снимки, кои покажуваат дека сириската артилерија се’ уште е позиционирана кон областите во кои е сместена опозицијата, како и дека тенковите се преместуваат од едно на друго место.

Syrien Fluchtlinge Roter Halbmond Grenze Türkei Syrien
Сиријците бараат спас во кампови во ТурцијаФотографија: Reuters

„Ова не е намалување на офанзивните сириски владини операции, а за што сите се согласуваат дека мора да биде првиот чекор за иницијативата на Анан да успее“, рече во Вашингтон амбасадорот во Сирија Роберт Форд.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, пак, предупреди дека крајниот рок за примирјето – 10 април, не треба да претставува изговор за продолжување со убивањето. Сирискиот претседател Башар ал-Асад вели дека се бори против терористите, кои се поддржани од странство, именувајќи ги на тој начин побунетите опозиционери. Во исто време, сириските власти велат дека планот предложен од Анан не предвидува повлекување и на вооружената полиција, која одигра значана улога во битката со бунтовниците во земјата. Според сириските власти, во бунтот од март 2011-та до сега загинати се 2.500 припадници на војската и полицијата. ОН проценуваат дека во истиот период се убиени 9.000 цивили од страна на безбедносните служби.

Според прифатениот план на меѓународниот посредник Кофи Анан, крајниот рок за примена на примирјето е вторник, 10-ти април, кога и власта и опозицијата треба да го положи оружјето.