1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија подготвена за мировни преговори?!

АТ/ ртр/ миа27 декември 2012

Дипломатските напори за надминување на сирискиот конфликт деновиве се концентрираат во Москва. Во Сирија во меѓувреме продолжуваат борбите, а ОН очекуваат преку еден милион бегалци до средината на идната година.

https://p.dw.com/p/179Kg
Фотографија: AP

Сирија најверојатно е подготвена да оддржи советувања со Русија за можни мировни планови за ставање крај на граѓанската војна. Претседателот Башар ел Асад за таа цел го испрати заменик министерот за надворешни работи Фаизал Макдад во Москва, се вели од опкружувањето на претседателот. Во меѓувреме најавена е и посетата на специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Лагдар Брхими на Москва на 29. овој месец, каде треба да разговара со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Насилството во Сирија меѓутоа продолжува. На северот на земјата, според наводи на опозицијата биле убиени најмалку 20 цивили при напади на владините војници, меѓу нив и осум деца. Шефот на сириската воена полиција, во меѓувреме, премина на страната на опозицијата. Преку интернет, тој го обвини режимот на Асад, дека врши масакар врз цивили.

Бројот на сириските бегалци се очекува двојно да се зголеми и да достигне 1,1 милиони до јуни 2013 година, доколку конфликтот во државата не запре, предупреди ОН.

Во моментот бројот на сириски бегалци е над 540 илјади во Ирак, Јордан, Либан, Турција и Египет се вели во најновиот извештај за Сирија на Бирото за координирање на хуманитарни дејности на ОН.

УНХЦР смета дека „ако конфликтот продолжи, бројот на бегалци може да достигне 1,1 милиони до јуни 2013 година“, се додава во извештајот.

Според хуманитарни организации стотици илјади Сиријци заминале од државата од почетокот на насилствата во март 2011 година без да бидат регистрирани од агенции на ОН.