1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Системот на Путин се` уште владее во Русија

31 декември 2010

Тешката казна од 14 години затвор за критичарот на Кремљ, Михаил Ходорковски, наиде на остри критики во меѓународни рамки. Ходорковски се товари за кражба на милиони тони нафта од компанијата „Јукос“.

https://p.dw.com/p/zrqw
Михаил Ходорковски моментално веќе отслужува затворска казнаФотографија: picture alliance/dpa

„Останува впечатокот дека политичките мотиви играле улога во оваа постапка. Тоа не е во согласност со постојано изразуваната намера на Русија за воспоставување систем на правна држава“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел. Слична беше и изјавата на шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле.

Осуда стигна и од ЕУ, која дури има намера за темата да се дискутира на дипломатско ниво: „Европската унија има намера прецизно да го проследи случајот и за него да разговара со Русија“, изјави првиот дипломат на Унијата, Кетрин Ештон. Според Ештон, правната независност и правото на фер процес се значаен дел од партнерството на Русија со ЕУ.

САД новата пресуда на Ходорковски ја нарекоа „злоупотреба“ на правниот систем. Пресудата отвора „сериозни прашања за селективната примена на законите“, изјави портпарол на министерството за надворешни работи во Вашингтон.

Chodorkowski / Urteil / Gericht / Moskau
Малкумина се надеваа дека судијата вчера (30.12.) ќе ја изрече пресудатаФотографија: AP

Русите се чувствуваат навредени

Пресудата за Ходорковски, кој во моментов веќе се наоѓа на издржување осумгодишна затворска казна, поради даночно затајување, предизвика критички реакции и во самата Русија. Опозициониот политичар Борис Њемцов оцени дека тоа е „срам на годината“. Ала Гербер од фондацијата „Холокауст“, вели:

„Потресен сум, се чувствувам навреден. Тотално сум очаен поради двете пресуди, но и поради сите нас. Не` понижија и ни покажаа дека не` сметаат за говеда. Тоа е страшна пресуда.“

Сергеј Митрохин, шеф на социјално-либералната партија Јаблоко, нагласи:

„Тоа е апсурден процес кој во сенка турка уште многу апсурдни театарски претстави. Пресудата, политички погледнато, докажува дека и покрај изјавите на претседателот Медведев, системот на Путин се‘ уште владее во земјата.“

Автор: Естер Хартбрих, дв / Елизабета Милошевска-Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема