1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите книгоиздавачи во Македонија опстојуваат

15 април 2010

Метрополис арената на Скопскиот саем неделава е вистински храм на книгата. 22-от Меѓународен саем на книгата е единствена можност за комуникација на издавачите, книжарите, писателите и читателите.

https://p.dw.com/p/MwdL
Фотографија: picture alliance/dpa

За познатиот писател за деца Горјан Петрески Саемот на книгата е најзначајна културна манифестација во Македонија и вистински празник бидејќи може да се сретне со своите читатели. Тој појаснува: „Она што ќе се напише треба навистина да допре до читателите. А за време на саемот многу читатели поминуваат, се интересираат за книгите. Јас забележувам дека никој не излегува без книга од саемот. Тоа е добро, значи сепак имаме читателска публика. Јас не сум од оние што не веруваат во својата читателска публика.“

Мирјана Јуван од најстарата издавачка куќа „Култура“, која годинава слави 65 години постоење, вели дека во последниве години во Македонија се појавија многу издавачки куќи, но за чудо сите опстојуваат. „Култура“ и годинава останува верна кон својот концепт на издавање познати светски бестселери, а големите попусти на книгите им ја вратиле читателската публика. „Ние гледаме дека интересот на читателите е голем , читачката публика е се‘ повеќе и повеќе наклонета кон нас, значи кон изданијата на ’Култура’, а овој саем го докажува тоа. Сега и ги намаливме цените до 50 %, на некои изданија и 60 и 70 %, и видовме дека луѓето сакаат да читаат.“

Проблеми во издавањето

Владимир Цветковски од „Макавеј“ вели дека имаат проблеми со издавањето, но сепак некако успеваат да ги надминат со свој концепт на изданија по кои се препознатливи и барани кај читачката публика. „Ние имаме избрано еден курс, имаме трасирано еден концепт да објавуваме претежно домашна литература, а имаме и едиција од историски наслови којашто во изминатите десет години се покажа како барана и се‘ попозната меѓу читателите.“

Karrieretag Buch
Никој не излегува без книга од саемотФотографија: Leipziger Messe GMBH

Ирина Ставрева од „Детска Радост“ истакнува дека нивната издавачка куќа и годинава ги нуди најзначајните трендови од светската литература за деца. „Оваа година, како новитет, внесовме и издавање бестселер за возрасни. Значи, приопштени бестселери на списокот на ’Њујорк Тајмс’од англиски, американски, германски автори. Дури 90 % од литературата којашто ја издаваме ни‘ е превод на странски автори.“

Цените се... прифатливи

Драган Ѓокески е студент на Правен факултет кој е редовен посетител на саемот за кој смета дека годинава е одлично снабден со најнови наслови и ги задоволува неговите потреби како читател. „Читам источна литература и белетристика, а кога сакам да се опуштам читам белетристика. Тоа што годинава го нуди саемот мислам дека е доволно во Македонија за сите што сакаат да читаат. Мислам дека цените би можеле да бидат и нешто пониски, но и овие се прифатливи.“

Deutschland Verlag Kiepenheuer & Witsch Bücher
Она што ќе се напише треба навистина да допре до читателите, вели писателот Горјан ПетрескиФотографија: DW

На саемот се и најмладите. Неда Ѓоргиоска е шестоодделенка која многу сака да чита романи за тинејџери. Дошла да го најде и го купила романот „Марта“, а и‘ се допаднале и многу други книги. „Ми се отвори повеќе желба за читање кога на саемот видов многу убави книги. Имам многу другарки кои читаат, а сите сакаат нешто различно. Затоа, откако ќе прочитаме, си ги позајмуваме редовно книгите и читаме.“

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска