1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сите ја сфатија сериозноста на изборите“

Силвера Падори23 март 2009

„Сега сите сфатија дека овие избори беа лакмусов тест за зрелоста и демократијата на земјата. Сметам дека може со задоволство да се гледа на спроведените избори” - е првиот коментар на европарламентарката Дорис Пак.

https://p.dw.com/p/HHaU
Дорис Пак - европарламентарка и експерт по балкански прашањаФотографија: Europäisches Parlament

За претседателската функција во вториот круг ќе се борат Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ и социјалдемократот Љубомир Фрчковски. Според Пак, нема многу разлика во нивните програми, туку решавачки за изборот ќе биде личниот впечаток кој тие го оставаат врз избирачите. „Мислам дека кога избирачите се изјаснуваат за претседател, на кројот довербата му ја даваат не на претставник на оваа или онаа партија, туку на човек од кого очекуваат натпартиски да ги третира сите прашања кои се битни за земјата, кој ќе биде гласот на народот. И тоа е задачата на претседателот. Претпоставувам дека граѓаните помалку ќе гледаат на која партија и` припаѓа кандидатот, туку кој подобро ќе ја претставува Македонија во светот“ - подвлекува Дорис Пак.

Ако се погледаат сегашните резултати, според Пак, голема е довербара која ја ужива кандидатот на ВМРО -ДПМНЕ. Но, сепак, треба да се почека април.

Посредничка улога во спорот со името

Präsidentschaftskandidat Geogi Ivanov in Mazedonien
Убедливо водство на Иванов (ВМРО-ДПМНЕ) по првиот круг избориФотографија: AP

Решавањето на проблемот со името, кој Македонија го има со Грција, е во програмите на сите претенденти за шеф на државата. Но, според Пак, иако со изборот на претседател спорот не може да се реши, зашто самиот тој не одлучува, тој може да има посредничка улога. И сигурно дека ќе ги застапува интересите на Македонија.

И на локално ниво, при изборот на градоначалници и совети, граѓаните се ориентираат според квалитетите на луѓето кои се кандидати. Се определуваат за оние кои добро работеле. За наредниот круг избори, Дорис Пак забележува: „Не можам ништо да предвидам, но се радувам што изборите минаа многу добро и е потврдена зрелоста на демократијата, што се поени за земјата во Брисел и за нејзиното приклучување во Европската Унија”, заклучи Дорис Пак.