Ситибанк: Грција 90 отсто ја напушта еврозоната
26 јули 2012Шансите Грција да ја напушти еврозоната во наредните 12 до 18 месеци нараснаа на околу 90 отсто, објавија економските аналитичари на американската „Ситибанк“, предвидувајќи дека Атина ќе излезе од еврозоната во наредните две до три тромесечја.
Во извештајот на американската банка објавен во четврток (26.07) се очекува исто така дека Италија и Шпанија официјално ќе побараат пакет помош од ЕУ и ММФ и покрај помошта што Мадрид ја доби за стабилизација на банкарскиот систем.
Во претходниот извештај на економистите на „Ситибанк“ шансите дека Грција ќе ја напушти еврозоната се проценуваа од 50 до 75 отсто.
„Остануваме песимисти во поглед на кризата во еврозоната. Во наредните неколку години ќе се случи Грција да ја напушти европската монетарна унија, а значително ќе се зголеми нивото на државниот долг и ќе се реконструира долгот на банките во Португалија, Ирска и веројатно во Италија, Шпанија и Кипар“, стои во извештајот.
Од „Ситибанк“ очекуваат дека излегувањето на Грција од еврозоната и економските слабости во периферните држави членки ќе предизвика натамошно намалување на кредитните рејтинзи на останатите држави членки на зоната.