1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ситуацијата во Ирак станува непрегледна

6 април 2004

Шиитскиот лидер Муктада ел Садр се заканува со востание на Ирачаните против окупаторските сили во Ирак. Тој заедно со повеќе стотици вооружени приврзаници во моментов се наоѓа во една џамија во градот Куфа.

https://p.dw.com/p/AcOH
Борци на Шиитите
Борци на ШиититеФотографија: AP

Американските војници навлегоа во градот, а цивилната управа во Ирак најавува дека нема да толерира луѓе што се надвор од законот. Репортерите на арапската телевизија Ал Џазира јавуваат дека во градот Куфа се слушаат експлозии. Во една од џамиите во градот, веќе цела година, секој петок, се моли радикалниот духовен водач на шиитите, Муктада ел Садр.

Американската цивилна управа соопшти дека против Ел Садр веќе неколку месеци има налог за апсење, издаден од ирачки суд. Тој е осомничен за убиство на умерениот духовен водач, Абделмаџид ел Коеи, во Наџаф, минатиот април. Портпаролот на американската армија во Ирак, генерал Марк Камит, не соопшти кога Ел Садр ќе биде уапсен. Начинот на можното апсење, според него, зависи од тоа како Ел Садр ќе ја прифати веста за налогот за апсење.

”Многу работи зависат од тоа како тој има намера да ја прифати веста за апсењето и дали ќе реши да дојде на мирен начин или не. Нашиот избор е избор на Моктада ел Садр.”

Американскиот цивилен управник Пол Бремер, во меѓувреме го прогласи Ел Садр за човек надвор од законот:

”Тој се обидува да ја инсталира својата власт наместото на легитимната власт на ирачката влада, и како што реков вчера – тоа нема да го толерираме. ”

Во сунитското упориште на отпорот, Фалуџа, ноќеска американската армија почна широка офанзива, и притоа е убиен еден американски војник. Жестоки експлозии имаше и во Багдад. Оттаму, агенциите јавуваат за борби меѓу американските војници и приврзаниците на Ел Садр. Судири на милицијата на Садр, но со британските војници, имало и во Басра.

Во меѓувреме, во САД, демократскиот сентарот Тед Кенеди, остро го нападна претседателот Буш, нарекувајќи го Ирак ”Виетнам на Буш”. Бројот на граѓани кои бараат повлекување на американските сили од таа земја се зголемува. Во јануари со таков став беа 32%, а сега дури 44% граѓани сметаат дека нивните момчиња треба да си дојдат дома.