1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ситуацијата во Кавказот останува критична

К. Нагел, Агенции / З. Јордановски10 август 2008

Грузиските трупи потиснати од главниот град на Ј. Осетија. Руска поморска блокада на Грузија. Во Абхазија се отвора втор фронт. Меѓународни апели за примирје и посреднички иницијативи.

https://p.dw.com/p/Etv4
Сепаратистички јужноосетиски борциФотографија: AP

Руските трупи по тридневни борби го ставија под контрола главниот град на Јужна Осетија, од каде се повлекоа грузиските трупи. Наспротив првичните најави, тие не се повлекуваат целосно од регинот кој сака да се отцепи од Грузија, и од далечина и натаму со артилерија го бијат Цхинвали. Градот е претворен во урнатини, а илјадници луѓе се кријат во визбите. Во борбите бил ранет и командантот на руските трупи во Јужна Осетија, кој е пренесен на лекување во Русија.

Русија испраќа дополнителни тенкови и трупи во Јужна Осетија, каде според грузиски медиуми во моментов има околу 10 илјади руски војници и 300 тенкови. Пред црноморскиот грузиски брег руската воена морнарица организира блокада за да спречи испораки на оружје и друг воен материјал.

Во Република Абхазија, регион кој исто како и Јужна Осетија формално-правно припаѓа кон Грузија, но деценија ипол живее независно, се спроведува делумна мобилизација, а абхазиски воени единици нападнаа позиции на грузиската армија во спорната долина Кодори.


Критична хуманитарна ситуација, Путин обвинува за геноцид


Според непотврдени наводи од Москва, досега во судирот загинале околу 2 илјади луѓе. Илјадници се во бекство, како кон Грузија, уште повеќе кон Русија. Во меѓувреме претставници на грузиската и на руската армија договорија воспоставување 2 коридора за извлекување од завојуваното подрачје на ранетите и бегалците. ОН побараа пристап за хуманитарни организации.

Ситуацијата во Кавказот останува критична, владее хаос. Рускиот премиер Владимир Путин се сретна со бегалци, а денеска, по разговорот со претседателот Медведев, изјави: „Морам искрено да кажам дека сум длабоко депримиран. Жени, старци и деца се во ужасна состојба. Ова се големи трагедии. Она што ни го раскажуваа бегалците оди далеку над тоа што вообичаено се сфаќа под ’борбени дејствија‘. Според мене, тоа повеќе личи на геноцид“.

Рускиот владин повереник за човекови права Владимир Лукин побара да бидат повикани на одговорност оние кои ја предизвикаа катастрофата и да се воспостави меѓународен суд како и во дргуите слични случаи. Но, жртви и страдање има и во градовите Гори и Поти на чисто грузиска територија, кои беа бомбардирани од руски авиони.


Меѓународна дипломатска активност за смирување на кризата


Во меѓувреме, во Тбилиси допатуваа западни дипломати за да се ангажираат за прекин на огнот. Квечерина се очекува и доаѓањето на францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер и неговиот колега од Финска Александер Штуб, претседавач на ОБСЕ, кои потоа заедно ќе одат и на преговори во Москва.

Германскиот канцелар Ангела Меркел повика на прекин на огнот, министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер предупреди од ширење на воениот пожар, а неговото министерство издаде официјално предупредување до Германците да не патуваат во Грузија. Моментен прекин на воените акции и барање мировно решение побара и Папата Бенедикт 16-ти.

САД ја предупредија Русија од „натамошна несразмерна и опасна ескалација“. Тоа би можело да има „значајни долгорочни влијанија“ врз американско-руските односи, изјави Џејмс Џефри од тимот советници за национална безбедност. Претседателот Џорџ Буш во Пекинг рече: „Целата ситуација може да се реши по мирен пат. Разговарав со раководствата на обете влади. Грузија е суверена држава и мора да се респектира нејзиниот територијален интегритет“.

►◄