1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прекината набљудувачката мисија

28 јануари 2012

Арапската лига привремено ја прекина набљудувачката мисија во Сирија поради ескалација на ситуацијата во земјата. Генералниот секретар на арапската организација Набил ал Араби в понеделник се очекува во СБ на ОН.

https://p.dw.com/p/13sR5
Армиски дезертерФотографија: AP

Арапската лига ја прекина набљудувачката мисија во Сирија. Причината за оваа одлука е повторното разгорување на насилството, соопшти генерланиот секретар на Лигата, Набил ал Араби во Каиро. Според Ал Араби одлуката била донесена по редица советувања со министерствата за надворешни работи на Арапските земји. Сириската влада се одлучи за „ескалација“ на насилството што со себе повлекува зголемување на бројот на „невини цивилни жртви“. Од дипломатски кругови се вели дека набљудувачите сега треба да ги напуштат кризните жаришта и во Дамаск да чекаат на натамошни упатства од Арапската лига.

165-те набљудувачи на Арапската лига беа испратени во Сирија на 26 декември 2011 за да го надгледуваат спроведувањето на планот за надминување на кризата. При нивната работа меѓутоа беа масовно попречувани. Планот на Арапската лига предвидуваше крај на насилството од страна на силите за безбедност и бунтовниците, ослободување на затворениците и повлекување на оклопните возила од градовите како и преговори. Уште во вторникот неделава што изминува шест држави од Советот за кооперација на заливските држави најавија дека ќе ги повлечат нивните членови од набљудувачката мисија, бидејќи Дамаск не се придржува до планот.

Syrien Arabische Liga Beobachter
Набљудувачите чекаат натамошни инструкцииФотографија: picture-alliance/dpa

Државите на Арапската лига воведоа и санкции, за да го принудат претседателот на Сирија Башар ел Асад да го промени курсот. Тој меѓутоа смета деке веќе десет месеци е изложен на масовни демонстрации од опозицијата, кои крваво ги задушуваат неговите сили за безбедност. Според проценките на ОН повеќе од 5.400 луѓе го загубија животот во Сирија од март минатата година до денес.

Како што јави државната сириска новинска агенција Сана, утрово во близина на Дамаск биле убиени седум војници, меѓу нив и еден офицер од страна на „вооружена терористичка група“. Во провинцијата Дамаск и во Растан во централна Сирија се воделе борби меѓу бунтовниците и армијата, јавува Сириската набљудувачка мисија за човекови права со седиште во Лондон. Според нив сириските сили за безбедност и армијата се приближуваат до повеќе протестни бастиони.

Syrien Protest gegen Assad
Во Сирија во последните десет месеци загинаа голем број цивилиФотографија: Reuters

Набљудувачката мисија на Арапската лига уште од почетокот беше критикувана од страна на опозицијата. Тие сметаа дека со неа се одолговлекува меѓународна иницијатива за заштита на населението и насилството не би можела да го спречи.

Генералниот секретар на арапската организација Набил ал Араби се очекува в понеделник да биде сослушан од Советот за безбедност на ОН. Во Њујорк го очекуваат заедно со ополномештеникот за Сирија во редовите на Арапската лига, премиерот на Катар Шеик Хамад бин Џасим ал Тани.

Според сопствени извори и Сирискиот национален совет ќе бара настап во Њујорк и ќе ја замоли меѓународната заедница за помош. Делегацијата уште утре ќе замине за САД, најавија Сиријците во егзил од Истанбул.

Во Советот за безбедност на ОН пред се’ Русија блокира заедничка резолуција против режимот на Башар ел Асад.

Автор: АТ/ СН/ афп/ дпа

Редактор: Александра Трајковска