1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ситуацијата е сериозна, дијалог влада - опозиција итно неопходен

8 ноември 2007

Голем потенцијал на незадоволство во Грузија. Толку луѓе на улица не може да изведат само агенти на странски тајни служби. Сакашвили - уште еден автократ на почвата на некогашниот Советски сојуз? Коментар на Роберт Баг

https://p.dw.com/p/C5eG
Грузискиот претседател Михаил Сакашвили воведе вонредна состојба во земјатаФотографија: picture alliance/dpa

Сигналот е вознемирувачки. Со отповикот на својот амбасадор од Москва и обвинувањата од претседателот Сакашвили дека зад демонстрациите стои руската тајна служба, Грузија сака да и’ покаже на светската јавност дека вината за се’ паѓа на товар на руското раководство.

Вистина е дека грузиско-руските односи веќе не се добри откако пред 4 години Михаил Сакашвили, како фигура што ја симболизира таканаречената „розова револуција“, ја презеде претседателската функција. Наскоро потоа завладеа вербална војна, што брановидно редовно се повторува, и меѓусебни провокации. Од страна на Москва уследи ригидна политика на блокада.

Сакашвили „сервилен лакеј на Западот“?

Честопати непромислениот, вжештен начин на постапување на Сакашвили секако му ја олесни играта на Кремљ, да ја одржува популарна кај големи делови од населението политиката на убоди. Во неа спаѓа отворената подршка на Москва за провинциите Јужна Осетија и Абхазија кои се стремат кон отцепување. Многумина Руси го сметаат Сакашвили за олицетворение на сервилен лакеј на Западот, и во предизборната кампања официјално негуваната фобија спрема Западот тоа добро се вклопува како сениште за застрашување.

Во руските медиуми исцрпно се прикажуваат снимки како тепа грузиската полиција, остро се критикува постапувањето на безбедносните сили против демонстрантите. Тоа е в ред, така мора да функционира медиумската слобода. Но, каде беа руските коментатори кога пролетта дојде до слични сцени во Москва и Санкт Петерсбург?

Примена на сила ја води Грузија повторно во хаос?

Било кои агенти на тајни служби, наведени од Сакашвили, секако не можеле сами туку-така да изведат на улица повеќе десетици илјади луѓе од различни краишта на земјата. Во меѓувреме во Грузија има забележителен потенцијал на незадоволство, па и Сакашвили мора соодветно да постапува, а не со гас-солзавец и палки. Разумната Нино Бурџанадзе, претседател на парламентот, апелира дека е неопходен разговор меѓу владата и опозицијата, за да не падне Грузија повторно во мрачен хаос.

Западот мора на Сакашвили јасно да му стави на знаење дека противништвото на путинова Русија ни оддалеку не претставува бланко-чек за да ги стави на диспозиција демократските идеали на грузиската „розова револуција“. Никому не му е потребен уште еден автократ на почвата на некогашниот Советски сојуз.