1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандалот се шири – „местени“ натпревари и во Бундеслигата?

27 март 2006

Истрага за настапи на Баер Леверкузен и Нирнберг

https://p.dw.com/p/Aej1
Рајнер Калмунд
Рајнер КалмундФотографија: AP

Скандалот со „местени“ резултати на фудбалските натпревари можеби сепак не се однесува само на Втората и регионалните лиги, туку и на натпревари од Бундеслигата. Државното обвинителство од Келн поведе истрага под сомнение дека во сезоната 2002/03-та би можеле да бидат манипулирани три натпревари на Баер Леверкузен, тогаш во борба за опстанок во лигата. „Во почетокот беа само гласини, сега сето тоа добива повеќе супстанца. Според нашата првична оцена, тоа се повеќе од гласини, повеќе од муабети. Ние гледаме повод да ги испитаме работите“ – рече вишиот државен обвинител од Келн Гинтер Фелд.

Во фокусот на истрагата е поранешниот менаџер на Баер Рајнер Калмунд. Пред две години тој мораше на одговорните во клубот да им објасни за што му биле исплатени 580 илјади евра на некој посредник од Билефелд. Соработник на клубот наводно и’ кажал на полицијата дека притоа Калмунд навестил манипулации на натпревари. „Нема манипулации на средбите, ниту на господин Калмунд му се познати такви манипулации од страна на трето лице, а во врска со Баер“ – вели Штефан Зајц, адвокат на Калмунд. Според него, станува збор за разјаснување за што биле платени парите – односно, дека биле аванс за купување играчи како засилување за Баер, што, вели, „и ќе го докажеме“.

Обвинителството од Нирнберг, пак, се занимава со три средби на тамошниот прволигаш од тековново првенство на Бундеслигата, кои наводно се манипулирани заради остварување добивки кај обложувалниците. Според пишувањето на магазинот „Фокус“, обвинителството, во тек на истрагата за досега познатите случаи од аферата со местени резултати, наишло и на вакви индиции. Клубот отфрла секакво сомнение од себе. Една од тие средби е, наводно, и поразот на Нирнберг во Бремен со 6 спрема 2. Клаус Алофс, спортски директор на Вердер реагира: „Секогаш ќе биде така – во оваа област да се вртат луѓе со многу пари и да прават влогови. Но, друга работа е дали играчи влијаат или манипулираат. Верувам – и тоа можам да го кажам не само за Вердер, туку и за остатоткот од Лигата, дека веројатноста е многу мала, минимална. Не би се изненадил обвиненијата да пукнат како меур од сапуница“.