1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандалот со месо зафаќа се’ поголеми размери

АТ/ дпа/ ртр/ афп17 февруари 2013

Германската министерка за заштита на потрошувачите се заложи за спроведување на темелна истрага за синџирите за доставување месо, поради скандалот со удел на коњско месо декларирано во готови производи како телешко месо.

https://p.dw.com/p/17fk3
Фотографија: picture-alliance/dpa

Неопходно е брзо расветлување, пишува министерката Илзе Ајгнер во гостинскиот прилог во весникот „Билд ам зонтаг“. „Европската унија има строга регулатива за прехранбени производи. Меѓутоа прописите имаат смисла, само доколку консеквенто се применуваат и се надгледуваат“. Размерите на скандалот се’ уште не се целосно познатати, смета германската политичарка. „Доколку се потврди сомнежот на истажните органи, тогаш безскрупулозни измамници во голем стил фалсификувале етикети, што досега беше незамисливо“. Министерката за заштита на потрошувачите смета дека угледот на брнашата уште сега е нарушен.

„Скандалот со коњско месо ја оштетува целата индустрија за прехранбени производи во Германија и во Европа. Ќе биде тешко да се поврати изиграната доверба“.

Ајгнер истовремено ирази разбирање за незадоволството на потрошувачите: „Она што стои на етикетите мора да биде и во производот - секој муштерија мора да е уверен во тоа, независно од цената“, нагласува министерката. „Во игра е добриот углед на нашата храна, доколку поединечни производители мамат, на пример со нивните ветувања за квалитет, големината на пакувањата или ознаките“. Тоа не смее да биде така, подвлекува министерката.

Bundeslandwirtschaftsministerin Ilse Aigner
Илзе Ајгнер, министерка за заштита на потрошувачитеФотографија: picture-alliance/dpa

Во моментов се чини дека скандалот се проширува, и тоа ширум Европа. Германското министерство за заштита на потрошувачите вчера (16.02) потврди дека во Германија биле увезени 179.000 сомнителни пакувања лазањи. Тие, наспроти податоците на пакувањето содржеле коњско месо. Увезените сомнителни готови производи веќе се повлечени од малопродажбата. Тие, меѓу другото потекнуваат и од францускиот преработувач на месо „Комигел“, кој преку својата филијала во Луксембург им лиферува производи на германските синџири за прехранбени производи.

Речиси 144 тони готови производи со коњско месо, според „Шпигел“ биле дистрибуирани во Германија. Ова произлегло од интерна листа на Европската комисија. Од вкупно 1.596 тони готови производи од Луксембург во перидоот меѓу ноември 2012 и јануари 2013 речиси десет проценти се испорачани во Германија.

„Се’ поголеми димензии“

Мрежата на продуценти, испорачатели и трговци со готови производи, за кои постои сомневање дека содржеле коњско месо, споро се расплеткува. „Оваа измама зема се’ поголеми димензии. Овде очигледно станува збор за голема криминална енергија“, вели Ајгнер за весникот „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“.

Повеќе политичари бараат строги контроли и казни во борбата против серијата измами со месо. Дополнително кон акциониот план на ЕУ, Германија и нејзините покраини размислуваат за национална програма за контрола со дополнителни тестови, најави Ајгнер. Министерката заедно со нејзините колеги, ресорните министри на покрианско ниво утре (18.02) на средба ќе разговараат за последиците од скандалот со коњско месо.