1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандал НСУ: Шефот на тајната служба ја напушта функцијата

ЕМФ/ард/афп2 јули 2012

Шефот на германската Служба за заштита на уставот Хајнц Фром ја напушта функцијата предвреме. Како што се вели, тој не поднел оставка, туку барање за предвремена пензија.

https://p.dw.com/p/15Pov
Фотографија: dapd

Хајнц Фром поднел барање за предвремена пензија, одлука што од страна на министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих, како што се вели од Министерството за внатрешни работи, е примена до знаење „со почит“. Фром со своето денешно барање (02.07) практично извлекува консеквенци од грешките во истрагата на неговата служба против деснорадикалната терористичка ќелија од Цвикау - НСУ.

Засега е нејасно кој ќе биде наследник на 63-годишниот Фром. Одлуката на шефот на разузнавачите да се повлече од функцијата, во политичките кругови во Берлин, е прифатена исто така со почит. Претседавачот на Комисијата за внатрешни работи на Бундестагот, Волфганг Бозбах, изјави: „По несфатливата акција на уништување документи откако беше разоткриено триото терористи од Цвикау, оставката на Фром е горчлив, но неизбежен чекор. Иако тој лично не е одговорен и не дејствувал спротивно на законите, тој е генерален носител на одговорност“, изјави Бозбах.

Политичари на коалиционите либерали исто така изразија почит кон постапката на Фром. И шефот на пратеничката група на опозиционите социјалдемократи Франк-Валтер Штајнмајер изјави дека Фром презел „одговорност за неразбирливата, недозволива постапка на неговите соработници, која со ништо не може да се оправда“. Тоа е политички „пристојно“, рече Штајнмајер, изразувајќи жалење поради оставката на Фром.

По ваквите изјави на политичарите, денеска Службата за заштита на уставот лиферуваше и дополнително објаснување дека Хајнц Фром не поднесол оставка, туку побарал заминување во предвремена пензија.

NSU Trio
Триото неонацисти НСУФотографија: dapd

Наместо да бидат доставени кадешто треба, документите биле уништени

Скандалот со уништените документи меѓутоа не завршува тука. Парламентарниот раководител на пратеничката група на Зекените, Фолкер Бек, нагласи дека Службата за заштита на уставот си ја прокоцкала довербата што ја ужива. Петра Пау, член на Комисијата за истрага во случајот НСУ, од редовите на Левицата, смета дека треба да се расчисти зошто десниот екстремизам во Германија е толку „смртно потценет“. Се поставува прашањето на одговорност и на други луѓе, се‘ до врвот на Министерството за внатрешни работи“, нагласи таа.

Минатата недела беше обелоденето дека Службата за заштита на уставот непосредно по откривањето на серијата неонацистички убиства уништила важни документи околу случајот.

Истражителите на 11 ноември 2011 година требало да состават акти за т.н. „Операција Рензинг“ за работата на сојузното обвинителство, а наместо тоа актите истиот ден се уништени. При „Операцијата Рензинг“ станува збор за соработката на Службата за заштита на уставот со десноекстремната група „Заштита на татковината од Тирингија“, од која произлезе НСУ.

Сојузната служба за заштита на уставот, според сопствени наводи, работи под полна пареа, да ја реконструира содржината на уништените документи. Службата за заштита на уставот во меѓувреме отвори и интерна истрага. Против еден раководител на одговорните служби е покрената дисциплинска постапка. Службеникот мора да појасни зошто во номеври 2011 година ги следел упатствата за уништување на седум докуметни со информации за десните екстремисти од Тирингија. Повеќе месеци тој му премолчал на раководството на службата дека документите биле уништени само неколку денови по обелоденувањето на неонацистичката серија убиства.