1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандал Севил: Полицијата зборува за 214 злоставувања

Т.Хун / Е.М.Фиданоска11 јануари 2013

Полицијата го поднесе извештајот во врска со скандалот со злоставување поврзан со починатиот водител на Би-Би-Си, Џими Севил. Севил злоставувал и силувал деца повеќе од 50 години.

https://p.dw.com/p/17I9h
Фотографија: AP

Билансот е потресен - во период од повеќе од 50 години, телевизискиот водител на Би-Би-Си, Џими Севил (фото горе), злоставувал и силувал деца, од кои најмладото имало осум години. Од 214 случаи на злоставување, колку што се содржани во полицискиот извештај за Севил, во 34 случаи се работи за силување. Најголемиот дел од жртвите биле на возраст од 13 до 16 години. Првиот случај содржан во извештајот датира од 1955, а последниот од 2009 година.

Многу од случаите на злоставување се одиграле на просторот на Би-Би-Си. Млади девојчиња, меѓутоа, Севил злоставувал и во 13 болници. Популарниот телевизиски водител, кој почина во 2011 година на 84-годишна возраст, поддржувал каритативни организации кои специјално се грижеле за деца. Според полициската истрага, Севил не предводел синџир на педофили, а дали можеби припаѓал кон некаква неформална мрежа се‘ уште се истражува. Полицискиот офицер кој раководи со истрагата го нарече Севил „безобѕирен сексуален злосторник“.

Истрагата на полицијата продолжува. Ќе се продолжи со истрага и во Би-Би-Си, каде пред се‘ се бара одговор на прашањето - зошто однесувањето на Севил не му паднало в очи никому, или зошто околу тоа никогаш никој не се пожалил?