1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандал со украдени доверливи документи во Ватикан

ЖА/АМ/дв/макфакс26 мај 2012

Во аферата со протекување тајни дикументи, уапсен е собарот на папата Бенедикт Шеснаесетти, за кого се верува дека им доставувал доверливи документи на медиумите. Претходно е сменет шефот на Ватиканската банка.

https://p.dw.com/p/152pQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Светата столица, којашто со месеци наназад е вовлечена во скандали со протекување на тајни документи, вчера објави дека полицијата притворила лице кај кое се најдени доверливи материјали. Портпаролот на Ватикан Федерико Ломбарди изјави дека уапсениот не е свештеник, туку работел во станот на Папата. Италијанските медиуми јавуваат дека се работи за Паоло Габриел, личен собар на Папата, еден од ретките кој имал пристап до приватните простории на Поглаварот на Римокатоличката црква. Медиумите тврдат дека кај Габриел се пронајдени доверливи документи сокриени во ѕидовите во неговиот стан.

Од почетокот на 2012-та година Светата столица е втурната во центарот на скандал поврзан со протекување во јавноста на доверливи материјали коишто им беа доставувани на италијанските медиуми. Беа споменувани дури и лични писма на папата Бенедикт Шеснаесетти.

Според медиумите, Папата бил шокиран и многу разочаран од протекувањето на документите и наредил спроведување неколку истраги, меѓу кои и една којашто ја води ватиканската полиција, а друга - кардиналска комисија. Во четвртокот вечерта беше објавено дека е сменет претседателот на Ватиканската банка Еторе Готи Тедески. Тој бил принуден да поднесе оставка, бидејќи „не успеал да ги извршува должностите од суштествена важност“, беше наведено во соопштението на Ватикан издадено во четвртокот вечерта. Според соопштението, Управниот совет на Ватиканската банка едногласно му изгласало недоверба на Тедески, верувајќи дека „овој потег е важен за банката да ја сочува својата виталност“. Еторе Готи Тедески, стручњак за финансиска етика, ја презема челната функција во Ватиканската банка, позната и како Завод за религиозни дела (IOR) во 2009-та година, во намерата на Светата столица од банката да ги исчисти дамките од скандалите. Меѓутоа, поранешниот прв човек на шпанската банка Сантандер и самиот во 2010-та година се најде под истрага на италијанските правосудни органи во рамките на пошироката истрага за перење пари.

Ettore Gotti Tedeschi
Еторе Готи ТедескиФотографија: AP

Тедески ниту вчера не ја коментираше својата смена, останувајќи на својот кус одговор даден претходно дека „побрзо ништо не би изјавил, отколку во спротивно да изговори страшни работи“. Управата на Ватиканската банка соопшти дека бара нов претседател кој би овозможил да се воспостават „ефикасни и сеопфатни односи со финансиската заедница темелени на меѓусебното почитување и прифатените банкарски стандарди“.