1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скапа офанзива на шарм

Коментар на Матијас фон Хајн23 февруари 2009

Американската министерка за надворешни работи, Хилари Клинтон, ја заврши својата прва турнеја. Со изборот на Азија за прва дестинација таа испрати сигнал - американската дипломатија повторно го открива овој континент.

https://p.dw.com/p/GzVh
На Хилари Клинтон најтешко и‘ беше во Пекинг - на фотографијата со кинескиот премиер, Вен ЏиабаоФотографија: AP

Речиси 50 години секое прво патување во странство на нов американски министер за надворешни работи беше во Европа или на Блискиот исток. Хилари Клинтон постапи поинаку. Таа го премина Пацификот и со тоа ги изненади дури и своите домаќини.

Турнејата на шефот на американската дипломатија беше замислена како офанзива на шарм. Во Јапонија и Јужна Кореја Клинтон ја истакна традиционално блиската соработка и по прашања на безбедноста. Индонезија како цел имаше особено симболичко значење. Од една страна, Индонезија е најголемата муслиманска земја во светот, а од друга страна, во последните 10 години, по падот на диктатурата на Сухарто, земјата се развива во демократија. Таму Клинтон, изненадувачки многу време потроши на јавни настапи. Таа, на пример, беше гостин во една младинска програма на телевизија, а пораката што се криеше зад сето тоа гласи - Америка бара партнери и пријатели.

US-Außenministerin Hillary Rodham Clinton wird auf dem Flughafen Jakarta, Indonesien von Schulklasse empfangen
Клинтон најмногу јавни настапи имаше во ИндонезијаФотографија: AP

Најтешко беше во Кина

Светската сила САД е за „soft power“, односно „мека сила“, или како што вели Клинтон „smart power“, односно „умна сила“. Едностраното концентрирање во ерата на Буш на војната во Ирак и борбата против тероризмот му припаѓа на минатото. Сега на ред се големите светски проблеми. Економската криза и нејзините корени во САД беа бездруго во преден план на секоја станица од турнејата на Клинтон. Дека во Белата куќа се менува размислувањето и околу заштитата на климата, Клинтон покажа со тоа што во делегацијата го зеде ополномоштеникот за заштита на климата, Тод Штерн. Со оглед на севернокорејската нуклеарна програма, во Токио, Сеул и Пекинг опширно се разговараше и за ширењето на нуклеарно оружје.

Најтешка станица од патувањето беше сигурно Пекинг. Во предвечерјето на посетата, имаше префрлања на двете страни околу економски прашања. Во САД нервите се на конец. Трговскиот дефицит во однос на Кина, во последната година, се зголемил на 266 милијарди долари. Никогаш досега една земја немала толкав дефицит во однос на друга земја. Новиот американски министер за финансии, Тимоти Гејтнер веќе и‘ префрли на Кина дека вештачки држи низок курс на својата валута за да го поттикне извозот. Наспроти тоа, Кина обвини дека во конјуктурната програма на Америка, тешка околу 800 милијарди долари, има протекционистички тенденции.

Хилари Клинтон се обиде да ги испегла работите

Заедно сме во истиот брод, му рече Клинтон на кинескиот премиер, Вен Џиабао. Всушност, отиде да побара кинески пари. Кина и сега е најголем инвеститор во американскиот државен долг - околу 600 милијарди долари од долгот се инвестирани од страна на Кина. За САД би бил кошмар доколку Пекинг сега запре со финансирањето, или уште полошо, доколку своите инвестиции во американскиот долг ги исфрли на пазарот.

Според ова, може да се претстави колку силите во светот се имаат променето во последните години. Новата ера во билатералните односи, како што ја нарече американската министерка за надворешни работи, се купува со големи отстапки од сопствените вредности. Човековите права, Тибет или Тајван, како што нагласи Клинтон во Пекинг, не би смееле да влијаат врз дискусиите околу безбедноста, економската криза и промената на климата. Но, влијанието не доаѓа од западот. Кина е таа што реагира параноично и има проблем доколку биде критикувана. При посетата на Клинтон, повторно редица борци за човекови права беа ставени во домашен притвор, а повеќе од вообичаено, многу од нив беа предупредувани и ставени под присмотра.