1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скариоло: Ќе мора сериозно да се подготвиме за Македонија

15 септември 2011

Голема победа на Македонија над домаќинот Литванија во синоќешниот четвртфинален натпревар на Евробаскетот. Следен противник е големиот фаворит Шпанија, чиј селектор Скариоло ги предупредува своите играчи на будност.

https://p.dw.com/p/12ZR2
Шпанците сериозно се подготвуваат за дуелот со Македонија. фото: Марк ГасолФотографија: picture-alliance/dpa

Селекторот на македонската репрзентација, Марин Докузовски во изјава за Асошиејтед Прес оценува дека се работи за историски успех.

„Мислам дека никој не го очекуваше ова. Ова е најголемиот успех на Македонија било кога во било кој спорт“, рече Докузовски.

Капитенот Перо Антиќ во изјава која ја пренесува агенцијата Ројтерс вели дека никогаш не доживеал такви емоции во текот на неговата кариера.

„Бевме отпишани како целосни аутсајдери пред турнирот, а сега целата нација е зад нас. Ги замолчевме и критичарите и 14-те илјади гледачи во салата. Им ја посветувам победата на македонските граѓани“, рече Антиќ.

Стрелецот на победничките поени во победата, Владо Илиевски вели дека го постигнал кошот на кариерата.

„Тоа беше најдобриот шут во мојата кариера. Најдобриот шут во мојот живот. Ова е голема победа за нас, ја остваривме сите заедно како тим. Полуфиналето е нешто на што не се надевавме, но одејќи од натпревар во натпревар, гледаме дека фантастично функционираме заедно. Ова е огромен успех за сите нас“, изјави Илиевски за македонските медиуми.
 

Vojdan Stojanovski
Војдан Стојановски беше еден од најзаслужните за победатаФотографија: picture-alliance/dpa

Војдан Стојановски кој постигна 5 тројки од 5 обиди по мечот оцени дека се работи за огромна победа.

„Успеавме да го одржиме резултатот изедначен, ги ограничивме на 65 поени, и одигравме одлична одбрана. На крајот притисокот беше врз нив“, изјави Стојановски.

Најдобриот играч Бо Меккејлеб рече дека чувството е неописиво. „Никој не знае ништо за нас, тоа ни овозможува да играме слободно и без притисок, но и работиме напорно. Денеска сите беа против нас, и 15 илјадната публика, но успеавме“, изјави Меккејлеб.

Против шампионот за финале

Следен противник на Македонија, во полуфиналето на шампионот е селекцијата на актуелниот европски првак Шпанија. Селекторот на Шпанците, Серџо Скариоло изјави дека е изненаден од победата на Македонија над Литванија и дека очекувал дуел против Литванците.

„Сега ќе мораме сериозно да го анализираме следниот ривал. Тие се изненадување на првенството и имаат одличен, но и многу нетипичен систем, со пет играчи зад линијата за три поени“, изјави Скариоло.

„Ќе мораме да бидеме будни особено во одбранбените задачи“, вели селекторот на шпанската репрезентација за интернет-изданието на шпанскиот спортски весник „Марка“.

Автор: БГ/ ројтерс/ ап/ марка

Редактор: Александра Трајковска