1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

210110 EU Terrorismus Bekämpfung

22 јануари 2010

Дискусијата околу воведувањето скенери за тело на аеродромите станува се‘ поинтензивна. На оваа тема разговараа и европските министри за внатрешни работи со нивната американска колешка Џенет Наполитано.

https://p.dw.com/p/LdTW
Безбедносни контролиФотографија: AP

Иако темата беше третирана на маргините на средбата, американската министерка за внатрешни работи Џенет Наполитано беше прашувана пред се‘ во врска со скенерите за тело. Тие во Европа се спорни пред се‘ поради повреда на интимната сфера на личноста. Наполитано вели дека нејзината земја има добри искуства со скенерите: „Јас сметам дека тие се корисни. Веруваме во балансот што мора да постои меѓу зачувувањето на интимната сфера и безбедноста. Со технички подобрувања на скенерите тој баланс ќе постои и тоа говори во прилог на скенерите.“

Дел од европските влади посакуваат единствена регулатива

Во моментов, секоја земја членка на ЕУ може самата да одлучи дали ќе користи скенери за тело, што се разбира, поради шенгенскиот простор претставува безбедносен ризик. Дел од владите, меѓу кои и германската, посакуваат регулатива, која ќе важи за сите во Унијата, но отпорот во Европскиот парламент е голем.

Passkontrolle bei der Einreise in die USA
Пасошка контролаФотографија: AP

Пратеникот на германската ЦСУ во Европскиот парламент, Маркус Фербер, ја образлага својата позиција против скенерите за тело, и притоа зборува во име на многумина свои колеги: „Кога ќе се мерат човековото достоинство и безбедносните потреби, според нас, човековото достоинство би требало да се цени повеќе. Нема смисла за да се улови еден, да им се краде човековото достоинство на милиони невини луѓе.“

Де Мезиер се залага за поголема размена на податоци

Nacktscanner am Flughafen
Скенери за телоФотографија: DPA

Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер е за воведување скенери за тело. Тој, во основа, е и за поголема размена на податоци во борбата против тероризмот, на што Европскиот парламент поради заштитата на податоци исто така гледа критички.

Де Мезиер признава дека заштитата на податоци во САД е помала. Двете работи треба да се решат истовремено: „Предложив да се преземе мерка за зголемување на довербата. На пример, ако се каже океј, во интерес на безбедноста во воздушниот сообраќај ќе ја зголемиме размената на информации меѓу нас, паралелно со тоа да се преговара и за Договор за заштита на податоците.“

Тоа Наполитано го прими на знаење климајќи потврдно.

ЕП против размената на банкарски податоци

Отпорот во Европскиот парламент е насочен пред се’ против размена на банкарски податоци во рамки на т.н. СВИФТ-договор. Фербер е убеден: „Нема смисла секој трансфер на пари во странство веднаш да им се пријавува на Американците. Ние имаме и други интереси, зарем не? Заштитата на нашата економија треба исто така да биде критериум. Не знаеме што Американците ќе направат на крај со тие податоци.“

Автор: Кристоф Хаселбах/Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска