1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопско пливање-на суво!

23 февруари 2010

Под клуч е ставен базенот „Младост“ во Скопје, единствениот кој беше во функција. Причината е, неможноста да се платат сметките за греење од страна на претпријатието кое го менаџира.

https://p.dw.com/p/M90j
Слики кои сега се минато-полн базенФотографија: AP

Пливачките клубови остануваат без можност за активност. Истовремено е запалено црвеното светло за ватерполо репрезентацијата на Македонија ,која во март и април има уште два натпревара во Светската лига против Грција и Русија.

Генералниот секретар на македонската ватерполо федерација Стефан Пулејковски констатира:

„Во моментов останавме без ниту еден покриен базен. Олимпискиот базен не работи веќе цела година, а базенот во Карпош е испразнет од пред една недела.“

Stefan Pulejkovski
Стефан ПулејковскиФотографија: Zlatko Kalinski

Излез-натпревари во странство?

Многу депримирачки се тоновите дека во една ваква ситуација можната алтернатива за одигрување на преостанатите натпревари од светската лига е во странство, бидејќи евентуалното неодигрување би повлекло ригорозни санкции од страна на ФИНА.

„Не би смееле да помислуваме на такво нешто и не би сакал воопшто да размислувам за такво нешто. Меѓутоа, како последна опција, доколку дојдеме во безизлезна ситуација, секако дека треба да размислуваме за одигрување на некој друг терен. Од проста причина, што правилата на ФИНА се многу ригорозни. Можеби финансиската казна, која би ја добиле и нема да биде страшна, бидејќи се‘ што се плаќа со пари е евтино! Страшна ќе биде суспензијата што би ја добиле како национална спортска федерација и исклучувањето од сите натпревари и меѓународни тела и организации и се‘ понатаму што би следело поради неодигрувањето на натпреварот,“вели Пулејковски.

Од два базена-ниеден!

Скопје има два базена изградени пред три и пол децении со средства од самопридонес на граѓаните. Едниот е со олимписки димензии. Во моментов двата се надвор во функција. Напорите на ватерполистите се барем еден од нив да биде одново активиран.

"Цената, за базените да се стават сега во функција, откако се испразнети, односно повторно да се наполнат со вода, да се загрее таа вода до потребните 25-26 степени, е според поресметките што ги направивме со Топлификација и со ЕВН, е некаде околу 30 илјади евра. Ние како Федерација, доколку ова падне на наш товар, не сме во можност тоа да го реализираме! Ќе биде стопати поевтино за нас ако се обратиме во некој од соседните центри и за скромен надомест од неколку илјади евра да можеме да бидеме домаќини и да ја избегнеме опцијата да бидеме суспендирани или казнети“, оценува Пулејковски.

Трагедија за македонското пливање

Во ваква ситуација фрлено на суво е и комплетното скопско пливање. Спорт, кој беше силна македонска идентификација. а еден од основоположниците, Миле Алексовски, ваквата состојба со базените е недозволена:

Mile Aleksievski
Миле АлексовскиФотографија: Zlatko Kalinski

"Не можам да одгонетнам, во еден град, кој е претстолнина на Република Македонија, да не функционираат овие два објекта.Тоа е трагедија за македонското пливање. Затоа,ние одиме назад! Да не се занесуваме дека одиме напред. Ние од ден на ден одиме надолу!“

Може ли да се спречи ватерполо-бруката?

А, може ли и пливањето да не биде риба на суво? Веројатно брзо ќе се огласи Агенцијата за млади и спорт. Останува само горчлив вкус на односот во Македонија за базичните спортови, кои се дел од културата на живеење на еден народ.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска