1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопјани и’ се враќаат на Старата чаршија

28 јуни 2009

Со проектот „Реоткривање на патеката на културата“ до доцна синоќа Старата скопска чаршија беше жива и преполна со посетители - како некогаш.

https://p.dw.com/p/Icie
Од другата страна на Камениот мостФотографија: DW

Се' започна со огномет од двете страни на Камениот мост, со кочија и жонглери кои ги повикуваа граѓаните да ги разоткријат подзаборавените агли на сопствениот град: Капан ан, Чифте амам, Сули ан, Безистенот. Исто така да слушнат стари скопски приказни додека дегустираат добра храна и вино, да видат театарски претстави и да проследат концерти на групите Љубојно, Фолтин, Суперхикс и Чалгија Саунд Систем.

Меѓународен проект

Организаторите од меѓународната менаџмент група, Томислав Стефановски и Лука Кортина за проектот на заживување на Старата скопска чаршија велат: „Ова е еден начин наново да ги откриваме убавините, коишто сме ги подзаборавиле малку. Културните споменици и музеите би требало да претставуваат основа за туристичка промоција на Македонија.“

Skopje - Mazedonien
Зошто да им се вратиме на тесните улички?Фотографија: dpa

„Старата чаршија е вистинско чудо во Скопје и во Македонија и на пошироко ниво, затоа што е најстарата чаршија на Балканот. Идејата беше да се сврти вниманието и луѓето да се вратат во чаршијата и да се врати вредноста на спомениците, на објектите, на местата на приказните што ги има во чаршијата.“

Поддршка од Италија

Проектот е финансиски подржан од Италијанската Влада. Роберто Рицо од Италијанската Амбасада во Македонија ни појаснува: „Манифестацијата е дел од поголем проект вреден 3 милиони евра, што нашата влада го поддржува во образованието и културата. Целта ни е народот да се врати во чаршијата, белегот и срцето на градот. Планираме да ги реновираме и старите културни знаменитости во чаршијата.“

Што велат занеатчиите?

Фимка Темова е сопственик на Винаријата Темов, која од декември минатата година работи во Старата чаршија.

„Ова е плус за нас, бидејќи ова е голема реклама за чаршијата, тоа е богатство на нашата држава. Моментално сите еснафи, што сме тука, сакаме да оживее оваа чаршија. Кога отворивме ние и други дуќани отворија во чаршијата и почна повторно да се враќа стариот дух во неа. А што е целта? Нашата цел е да му го приближиме виното на народот. А зошто е оваа локација на винаријата? Затоа што ова е срцето на Скопје“ – нагласува Фимка Темова.

Brücke über Vardar Fluss in Skopje, Mazedonien
Мостот го спојува модерното со традицијатаФотографија: Petar Stojanovski

Друга сопственичка на дуќан во чаршијата заклучува дека за заживување на Старата скопска чаршија треба да се вклучат сите одговорни во државата: „Јас мислам дека е одличен проектот и дека треба да има многу повеќе вакви проекти. Секаде во светот има металски и трговски центри, бетони и згради, ама немаат сите градови стара турска чаршија со голема традиција, како ние...“

Организаторите велат за оваа идеја да опстои во стварноста, манифестацијата ќе продолжи континуирано и понатаму.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор. Горан Чутаноски