1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопјани маршираа за мир и соживот

17 март 2012

Во Скопје се оддржа манифестацијата „Марш за мир“ како одговор на последните меѓуетнички инциденти во земјата. Маршот го поддржаа и претседателот Иванов и премиерот Груевски.

https://p.dw.com/p/14MCy
Фотографија: DW

„Маршот за мир“ што се одржа денеска во Скопје беше во организација на Граѓанската иницијатива „Заедно за мир“, предводена од Сашо Мацановски - Трендо, Александар Русјаков, Ана Јовковска и Петрит Сарачини.

Присутните граѓани, меѓу кои бројни интелектуалци, уметници, пејачи, членови на четириесетина невладини организации, но и претседателот Ѓорге Иванов и политичари од повеќе политички партии, упатија порака за промовирање на соживот и мир. Инцидентите беа јавно осудени со порака за заеднички живот, почитување и разбирање со сите кои живеат на ова тло.

Манифест за мир

Маршот е инициран како одговор на последните инциденти, коишто се случија минатата недела, во кои беа повредени над 20 лица од различна етничка заедница.

„Јас сум од оние коишто сакаат да веруваат дека луѓето сакаат и можат да живеат заедно. И да живееме едни со други, а не едни покрај други“, изјави Ана Јовковска“, ТВ водителка.

Актерот и режисер Висар Вишка исто така беше дел од „Маршот за мирот“. „ За првпат можам да кажам дека интелектуалците од сите заедници се собравме да кажеме една јасна порака, затоа што тоа до сега не беше случај. До сега, и пред и после 2001-ва година повеќето од интелектуалците како да замолчеа, се исплашија, а некои дури и профитираа од тоа“, рече Вишка.

Komiker aus Mazedonien
Љупчо Бубо Каров побара помасовни и почесто организирани такви собириФотографија: Petr Stojanovski

Пораката од Манифестот, кој денеска беше прочитан, е порака за мир. „ Моето гледање е следното – да не чекаме да дојде до војна, па да маршираме за мир. Да маршираме за мир, за да нема војна“, апелираше актерката Сабина Ајрула Тозија.

Помасовни и почесто организирани вакви собири може да ги исплаши оние кои иницираат инциденти. „Се додека седиме дома и сме помалубројни на вакви собири мислам дека тоа може и да ги охрабрува насилниците“, вели Љупчо Бубо Каров од К-15.

Поддршка од премиерот Груевски

Се дефилираше од Градскиот парк, преку бул. „Илинденска“, мостот Гоце Делчев, потоа движењето продолжи кон Музејот на Холокаустот до Камениот мост - симболот на заедништвото, за потоа преку Градскиот кеј, зад зградата на Владата, да заврши на Школката во Градскиот парк. 

Премиерот Никола Груевски го поздрави и го поддржа денешниот „Mарш за мир“ во Скопје.

„Тоа е порака до сите оние поединци, кои на некој начин сакаат да го нарушат мирот и спокојството на граѓаните, дека мнозинството од овој народ, како во минатото, така и сега и во иднина ќе знае да ги направи сите потребни чекори за да не им дозволи на такви поединци и структури да ги реализираат своите идеи, кои не се во правец на зачувување на мирот и спокојството на граѓаните. Се разбира, заедно со силите на државата, на МВР и сите институции одговорни за одржување на мирот и спокојството на граѓаните, една ваква демонстрација на граѓаните и на општствено познати личности секако ќе биде од корист “, рече  Груевски.

Автор:СН/АМ/миа/ макфакс

Редактор: Александар Методијев
          

-