1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје доби нова, модерна визит-карта

6 септември 2011

По две децении самостојност, два дена пред големиот јубилеј, Македонија доби нов, модерен аеродром. „Александар Велики“ сега навистина го заслужува името. На свеченото отворање присуствуваше државно-црквениот врв.

https://p.dw.com/p/12Txm
Фотографија: dapd

Новото здание на скопскиот аеродром „Александар Велики“ му дава сосема нов лик на главниот град на државата. Патникот што ќе слета во Скопје отсега нема повеќе да има чуство дека пристигнал во некоја земја од неразвиениот свет. Александар Велики изледа модерно, европски, како што му доликува на Скопје.

Во близина на старата, пуштена е во употреба нова терминална зграда. Пред влезот во двокатната зграда има огромен паркинг. На 40.000 квадратни метри има 23 шалтери за чекирање и 21 шалтер за контрола на пасоши. На приземјето е делот за пристигнување, а на катот одделот за полетување. Тие се меѓусебно поврзани со 6 ескалатори и 9 лифтови.

Метежот од таксисти и луѓе, кои пред тесниот излез ги чекаат своите блиски на улица заминува во историјата. Аеродромот има чекалница и повеќе продавници за храна и за сувенири. На одделот за полетување има два фришопа. Таму освен вообичаените пунктови за царината и пасошката контрола, има шест пристапни мостови за влегување во авион. На првиот кат е поставен споменик од Александар Велики.

Mazedonien Skopje neues Flughafengebäude
Ново здание нуди конфор по светски стандардиФотографија: DW

Угледни гости

На свеченото отворање на аеродромот присуствуваа голем број граѓани и државно-црквениот врв, Претседателот на државата Ѓорге Иванов, Поглаварот на МПЦ Г. Г. Стефан и многу други. Во местото Петровец, дваесетина километри од центарот на градот, гостите пристигнаа со новите двокатни автобуси, а ги пречека првиот човек на ТАВ холдингот, Сани Шенер.

“Аеродромот е огледало на земјата, на кој се стекнува првиот впечаток при патувањето во неа. Ова е голем ден за Македонија кога се менува сликата на сите патници кога стапнуваат на нејзина почва“, изјави македонскиот премиер Никола Груевски.

Домаќинот, извршниот директор на турската компанија, рече дека денеска почнува реализацијата на амбициозните планови, скопскиот аеродром имено да стане сериозен играч во балканскиот авиобизнис.

Mazedonien Skopje Flughafen Eröffnung eine neuen Gebäudes
Црвената лента ја пресече премиерот Никола ГруевскиФотографија: DW

“И покрај притисоците на светската економска криза го спроведовме проектот за модернизација на аеродромите и го исполнивме ветувањето тоа да биде пред Денот на независноста“, рече Шенер. 

Големи инвестиции

Турските концесионери вложија околу 100 милиони евра за модернизација на скопскиот аеродром. Освен новата зграда, изграден е карго-терминал и продолжена е пистата за половина километар кон југ.
Новиот аеродром може да опслужи 4,3 милиони патници годишно, што по атинскиот, го прави најголем во регионот. Реконструкцијата на аеродромот траеше 18 месеци. Согласно договорот за концесија, ТАВ ќе стопанисува со аеродромот во наредните дваесет години.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Горан Чутаноски