1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје има сериозен проблем со аерозагадувањето!

Горан Петрески22 април 2012

Денот на планетата Земја е повод да се алармира дека скопјани дишат многу загаден воздух. Екологистите велат дека се свесни за проблемот, но немоќни, а надлежните тврдат дека преземаат мерки за подобрување на состојбата.

https://p.dw.com/p/14j62
Фотографија: Petar Stojanovski

Скопје е еден од најзагадените градови во Европа. Овој непопуларен рекорд се однесува на квалитетот на воздухот, особено во зимските месеци. Состојбата беше алармантна во текот на последната зима. Мерењата покажаа значително присуство на јаглерод моноксид, сулфур диоксид, азотни оксиди и особено силно загадување од таканаречените суспендирани честички. Скопјани преку интернет страница од проектот „Скопје дише“ имаа можност самите да го следат квалитетот на воздухот. Во поголемиот број зимски денови беа вџашени од сознанието каков воздух дишат. Многу пати во ноември, декември и јануари, на скалата од дозволени педесет, индексот на загадување се искачуваше над 300. Тоа според експертите е опасно ниво кога сите категории граѓани треба да го сведат на минумум престојот надвор.

„Според една наша анализа во текот на минатата година, во Скопје се регистрирани дури 269 денови кога концентрацијата била над максимално дозволената граница, понекогаш дури 10 пати над дозволената. Тоа значи енормно загадување. Ние, како невладина организација, тропаме на многу врати, но сепак, тука главната одговорност имаат надлежните“, објаснува за Дојче Веле Искра Стојковска од невладината организација „Фронт“.

Future Now Projekt Biokunststoffe Bild 6 Auspuff
Сообраќајот е само една од главните причини за загадувањеФотографија: DW

Надлежните се свесни за проблемот со кој се соочуваат скопјани. Заменик министерката за животна средина Соња Липиткова во изјавата за Дојче Веле не крие кои се најголемите загадувачи:

„Тоа се големите индустриски капацитети, кои според европските норми имаат рок до 2014-та да се прилагодат на европските стандарди. Секако, причинител за загадувањето е местоположбата на Скопје, како и сообраќајот и употребата на стари горива за греење во зимските месеци“, вели Липиткова.

Интернет страницата што во секој момент овозможуваше увид во квалитетот на воздухот во градот подолг период не е достапна за граѓаните. Заменик министерката Липиткова тврди дека страницата е во фаза на реконструкција и оти наскоро повторно ќе им биде на располагање на граѓаните.

Гасификацијата ќе помогне за почист воздух?

Статистиката покажува дека градови во Иран, Индија, Пакистан и Монголија имаат најлош квалитет на воздухот. Најзагаден воздух во светот има иранскиот град Ахваз, а според СЗО, најздрав воздух има во делови од Соединетите Американски Држави и Канада. Микроскопските честички, наречени ПМ10, можат да се вгнездат длабоко во белите дробови и се многу канцерогени, оценуваат од СЗО. Според СЗО, максимално дозволената граница за ПМ10 е 50 микрограми на метар кубен воздух. На трети декември 2011 во Скопје беа измерени 433 микрограми ПМ10. Големото загадување се одразува врз здравјето на жителите на Скопје. Во 2010 година, во Скопје биле регистрирани 442.518 пациенти со респираторни болести. Со оваа бројка Скопје, покрај Велес, е на врвот на градови во Македонија според бројот на заболени од болести на дишните патишта.

Luftverschmutzung Iran
Иран - статистиката вели дека оваа земја е во врвот на земји со најлош квалитет на воздухотФотографија: MEHR

Како приоритет за намалување на аерозагадувањето е зацртан проектот за гасификација на главниот град. Се смета дека замената на мазутот, кој сега е основна суровина за греење, со обновливи извори на енергија, значително ќе го подобри квалитетот на воздухот во Скопје.