1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје - Приштина: Кој ќе попушти во име на бизнисот!?

Костадин Делимитов11 септември 2013

Расте тензијата во играта на нерви меѓу Приштина и Скопје. Стопанствениците веќе се жалат дека трпат загуби поради статус кво ситуацијата. Рампите за увоз на Косово веќе четврти ден се спуштени за македонските фирми.

https://p.dw.com/p/19fju
Фотографија: DW/Esat Ahmeti

Бизнисмените реагираат дека веќе не е важно кој прв почна, туку како и кога ќе се реши проблемот и ќе се симне блокадата. Очигледно е дека Македонија е економски оштетена од ненaјавениот потег на Приштина, но треба да се биде мудар и да се спушти топката пред се‘ заради економските интереси, коментираат од Стопанската комора на Македонија, бизнис асоцијацијата што ги обединува најголемите компании:

„Топката задолжително треба да се спушти и да се сврти кон реалноста. Ова важи и за двете страни. Да не се случи следниот чекор да биде Косово да воведе визи. Ова што се случува нема врска со економија ниту трговија. Политичка е заднината. Многу е лошо што се носат мерки без да се консултира стопанството, апсолутно е погрешно“, изјави за Дојче веле Љубица Нури од Стопанската комора на Македонија.

Инаетењето во ситуацијава е погрешно

За решение на проблемот притискаат и стопанствениците од Стопанската комора на северозападна Македонија чии претставници денеска (среда) во Приштина ќе седнат на маса со нивите косовски колеги.

„Инаетењето во ваква ситуација е целосно непотребно и погрешно, бидејќи тоа не води никаде. Потребен е компромис наместо да се демонстрира лажна политичка гордост. Се работи за економски интереси кои за Македонија се поголеми отколку за Косово. Не дека и Косово не трпи, посебно тамошните граѓани и обичните земјоделци. Политиката треба да биде во функција на економијата, но сега таа се меша и прави штета. Таа треба да помогне, а не да одмогне. Со блокади не се решаваат блокади. Политичките каприци треба да се остават настрана, нашите беа културни и ја најавија навреме заштитната мерка. Им замерувам на Косоварите кои повлекоа ненајавен потег“, коментира за Дојче веле Мендерес Кучи, претседател на комората на северозападна Македонија

На негативни последици од трговското ембарго предупредија и од Сојузот на стопански комори. Оттаму предупредија дека Приштина донела избрзана мерка без поопсежна длабинска анализа. Очекуваат двете страни да најдат заеднички јазик во интерес на економските односи помеѓу двете земји.

Од Владата во Скопје засега нема коментар околу можноста за евентуално поместување од позициите. Конкретен чекор нема ниту од Приштина. Играта со блокади, забрани, такси, визи заглави во пат позиција, на граничниот премин Блаце.