1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Скротувач“ на дивите води

18 ноември 2010

Атанас Николовски, сукцесорот на плејадата македонски мајстори на кајакот на диви води, во моментов e и еден од најдобрите македонски спортисти. Неговите планови се насочени кон Олимпијадата во Лондон во 2012 година.

https://p.dw.com/p/QCJz
Атанас НиколовскиФотографија: Zlatko Kalinski

Атанас Николовски, годинешниот лауреат на престижната награда 13 ноември, е 30-годишен Скопјанец. Тој е сукцесорот на плејадата македонски мајстори на кајакот на диви води, во моментов и еден од најдобрите македонски спортисти. Еве како го доживува ова признание.

„Секој спортист се бори да направи што подобар резултат, и нормално од граѓаните во градот каде што живее да биде награден со една таква награда.“

Со силно ехо одекна неговото 7-мо место на светското првенство во Словенија. На познатата патека Тацен, тој си обезбеди пат во височините во кајак-слалом. Жали за пропуштената шанса да освои медал, веќе неговите мисли се насочени кон Олимпијадата во Лондон.

„Јас со онаа мала грешка во финалното возење го загубив делот што значеше да се биде меѓу првите три места на Светското првенство. Но, како што кажав, она што го очекувам најмногу од себе е да обезбедам олимписка норма во Лондон во 2012 година."

Matka bei Skopje Wildwasser Kajakstrecke
Матка кај Скопје, патеката за кајак на диви водиФотографија: Zlatko Kalinski

Нормата нема да биде проблем

Обезбедување на олимписка норма е првиот приоритет на Атанас Николовски. Таков исчекор тој еднаш направи, кога си обезбеди учество на последната Олимпијада во Пекинг. Свесен е за искушението со кое е соочен.

„Во кајакот на диви води има два изборни натпревари: Светското првенство 2011 година, и Европското првенство 2012 година. Нормата со ова место не е обезбедена, но со повторување на ваков резултат нормата ќе биде обезбедена без никаков проблем.“

Новиот кајак од врвно производство и договорот за поддршка меѓу Македонскиот олимписки комитет, Агенцијата за млади и спорт и Кајакарската федерација е позитивниот ветар во грбот на Атанас Николовски на патеката за Лондон.

„Со една добра темелна работа на сите три институции, и нормално јас како спортист во ситуацијата, мислам дека резултатот ќе го имаме во рака.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска