1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Славје на победниците, задоволство и кај опозицијата

6 јуни 2011

Двете досегашни владејачки партии го слават освојувањето нов, четиригодишен мандат од граѓаните, на избори со голем одзив, во мирна и демократска атмосфера. Задоволна и опозициската СДСМ.

https://p.dw.com/p/11Uri
Избори во МакедонијаФотографија: MIA

Владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ победија на вонредните парламентарни избори во Македонија. Генерална оценка е дека изборите минаа во фер и демократска атмосфера, иако дел од опозициските партии имаат забелешки на атмосферата во предизборието и обвинуваат за притисок врз гласачите.

Mazedonien Wahlen 2011
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола ГруевскиФотографија: MIA

„Оваа победа значи дека мнозинството граѓани препознаа дека ВМРО-ДПМНЕ и во криза знае да се справи со проблемите и да ја извлече земјата“, рече Никола Груевски. Тој ги наброја приоритетите на новата Влада. На прво место, според Груевски, ќе бидат економијата, земјоделството, привлекувањето на инвестиции и отворањето нови работни места. На второ место на приоритетите на Груевски ќе биде „разрешување на проблемите со кои се соочува земјата при влезот во НАТО и ЕУ, но посебно внимавајќи на зачувувањето на националните интереси“.

Небото над Скопје по соопштувањето на резултатите одекнуваше од огнометот и приотехничките средства на симпатизерите и членовите на ВМРО ДПМНЕ. Се славеше пред Домот на АРМ во Скопје, но и низ улиците во центарот на градот, каде ечеа сирени од автомобили и победнички извици. Во сличен манир, но пред зградата на Собранието, прославуваа и приврзениците на ДУИ.

СДСМ му честиташе на ВМРО-ДПМНЕ

Branko Crvenkovski ist der neue Parteichef von der Partei SDSM
Претседателот на СДСМ Бранко ЦрвенковскиФотографија: MIA

Победата на ВМРО-ДПМНЕ му ја честитаа првите луѓе на СДСМ, претседателот Бранко Црвенковски и кандидатот за премиер Радмила Шекеринска. Двајцата потенцираа дека СДСМ, со освоените 370 илјади гласови, од изборите излегува зајакнат и најавија дека битката „не е завршена, туку допрва претстои“.

„Народот е секогаш во право дури и кога греши... Битката продолжува. Ако видовте што можеме да направиме со 18 пратеници може да замислите што ќе направиме со 43“, изјави Црвенковски кој гарантираше дека времето на неговата партија допрва доаѓа.

Победа објави и ДУИ

Mazedonien Wahlen 2011
Претседателот на ДУИ Али АхметиФотографија: MIA

Победа од партиското седиште во Мала Речица објави и ДУИ. Носителот на листа на ДУИ во втората изборна единица, Ермира Мехмети соопшти дека нејзината партија убедливо победила кај Албанците со вкупно освоени преку 53 илјади гласа.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи им ја честиташе победата на конкурентите од ДУИ, иако имаше забелешки на победата на партијата на Ахмети од осум илјади гласови спроти нула во општините Зајас и Осломеј.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска