1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

050110 USA Terror Jemen

8 јануари 2010

Јемен се’ повеќе влегува во фокусот на американските антитерористички активности во арапските земји. Според проценките на јеменската влада, во земјата би можело да има околу 300 борци на терористичката мрежа на Ал Каеда.

https://p.dw.com/p/LLRE
Ќе отвори ли светската суперсила нов фронт?Фотографија: AP/ DW-Montage

Врвните американски политичари деновиве се’ почесто зборуваат за актуелизираното легло на борци на Ал Каеда: „Дозволете ми да почнам со Јемен“, порача шефицата на Стејт департметнот Хилари Клинтон, на првото нејзиното соочување со новинарите во Новата година.

„Постојната закана, што произглегува од Ал Каеда на арапскиот полуостров многу ме загрижува. Филијалата на Ал Каеда во Јемен веќе си ја даде кратенката АКАП...“, појасни Клинтон и додаде дека американската влада веднаш ќе ја удвои финансиската помош за владата во Сана. Таа ќе изнесува 150 милиони долари годишно: „За јеменската влада да може да преземе нешто против мрежата на Ал Каеда во сопствената земја.“

ЦИА и Пентагон

На владата на Барак Обама меѓутоа и’ е јасно дека не може да очекува голема помош од слабата власт во Јемен. Затоа Обама се залага за проширување на американските операции во оваа земја.

„Ние веќе во минатото уништивме повеќе кампови за тренинг и елиминиравме лидери на Ал Каеда. И сега ќе ги повикаме на одговорност“, порача Обама.

US Geheimdienste CIA
Во операциите е вклучена и ЦИАФотографија: DPA

Оваа закана се однесува пред се’ на оние членови на Ал Каеда во Јемен, кои го обучиле младиот Умар Фарук Абдулмуталаб да се крене во воздух и со тоа да се обиде да го урне американскиот авион на пат за Детроит на Божик. Неговиот обид пропадна, но затоа американската армија и военото крило на разузнавачката служба ЦИА ќе ги интензивираат активностите на јеменска територија. Овие операции се изведуваат најчесто со помош на беспилотни летала од типот „предатор“, кои полетуваат од американската воена база во Џибути. Освен тоа во водите пред Рогот на Африка се наоѓа и модерниот разузнавачки брод на Пентагон „Маунт Витни“, кој собира важни податоци за движењата на Ал Каеда во Јемен. „Минатите недели повеќепати извршивме операции против Ал Каеда на арапскиот полуостров“, изјави неодамна влијателниот американски сенатор Џо Либерман.

Проширување на воените операции

Само во декември животот го загубија намјалку 23 лица во операциите против осомничените терористи во камповите за тренинг на Ал Каеда во Јемен. Ова проширување на воените дејства од Ирак, преку Авганистан на Пакистан, Сомалија и Јемен, се одвиваше главно зад грбот на американската јавност. Либерман дури предвидува дека следниот фронт по Ирак и Авганистан ќе биде отворен во Јемен.

Автор: Ралф Сина/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска