1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слеп пејач кој ги гледа проблемите во Кина

23 јули 2009

Освен евтините песнички кои зборуваат за љубовта и среќата, во Кина постојат и песни со социјални текстови кои го опишуваат секојдневието. Човек кој постигна успех со ваквите песни е слепиот пејач Жоу Јунпенг од Пекинг.

https://p.dw.com/p/Ivg8
Жоу ЈунпенгФотографија: DW

Никој не пее така во Кина – никој така ноншалантно и емотивно не го опишува секојдневието во модерна Кина: понекогаш бесцелниот живот во земјата, која за само неколку децении прескокна од традиционалната во модерната епоха.

Во една од песните на Жоу Јунпенг се зборува за еден секојдневен проблем во кинеските градови. Поради тоа што луѓето едвај може да си дозволат сопствено живеалиште, стануваат робови на нивните хипотеки и напорно работат до длабока старост. Тоа е цената што треба да се плати за влез во средната класа. Жоу Јунпенг не може да ја види новата, сјајна Кина. Триесет и осумгодишникот ослепел уште како дете. Наспроти тоа, како никој друг го опишува секојдневието и животот во Кина и така стана ѕвезда - барем на пекиншката сцена.

„Идеите и мотивите за мојата музика главно ми доаѓаат од два извора: од случувањата на моите патувања, значи од моите искуства, како и од читањето“, вели Жоу.

Жоу Јунпенг има пропатувано повеќе од доволно. Долго време живеел како уличен музичар ширум Кина. Жоу спиел на железничката станица во Ксијан, во Шангај полицијата го избркала од улиците за шопинг. Тој води навистина „придвижен живот“. „Еднаш бев на универзитетот во Ксининк, во покраината Чингхаи. Седев пред студентскиот дом и пеев. Сите ги отворија прозорците и слушаа. Подоцна ме повикаа во една сала, на нешто како прес конференција. Студентите ми го наполнија ранецот со храна и пијалоци и продолжив во наредниот град“, раскажува музичарот.

Морбидни текстови кои го отсликуваат секојдневието

China Eisenbahn nach Tibet Brücke und Kinder
Песни за деца во кои се збори за социјалните проблеми во КинаФотографија: AP

Најверојатно животното искуство е тоа што прави песните да звучат толку автентично. „Не дај Боже да си дете од родители во Ченгду" се вели во оваа „детска песна“: твојата мајка наркоманка седум дена не се вратила дома. Не дај Боже да си дете од родители од Хенан: сидата во крвта те исмева. Немој да си дете од родители во Шанкси: твојот татко се претвора во грутка јаглен. Внимавај да не се урне рудникот, во кој што работи татко ти“.

Жоу потекнува од работничко семејство од индустрискиот град Шенјанг во североисточна Кина, слабо развиено подрачје каде се произведува челик и се ископува јаглен. Тој израснал во сиромашното предградије Тиекси, западно од железничката пруга. Во 80-тите години, кога Кина почна да се отвора кон светот, неговите родители му ја купиле првата гитара на старо. Таа го промени неговиот живот: „Живеевме во Шенјанг, во мала улица. Музичкото образование го добив од младите на улица, оние со долга коса и пантолони-ѕвонарки. Тогаш тоа беше ин. Речиси секоја вечер слушав една австралиска радио станица – тие пуштаа песни од Тајван и Хонгконг. Тоа беше моето музичко образование: странското радио и момците од улицата.“

„Подобро да не гледам, отколку да живеам без музика“

Касетите со музика од западот, со песните на „Дорс“, „Битлс“ или Боб Марли тогаш се сметаа за богатство. Некои песни особено емотивно го погодувале Жоу. Но, неговата глад за музика, литература и поезија тогаш никој не ги сфаќаше сериозно. И бидејќи слепите луѓе во Кина можат да работат само како масери, Жоу посетувал училиште за слепи и учел за да стане масер. Денес Жоу живее во Пекинг и се занимава со тоа што го сакал уште како млад: со музика. „За мене повеќе не игра голема улога тоа дали можам да гледам или не. Музиката е мојата професија, мојот интерес и ја задоволува мојата смисла за естетика. Кога денес би морал да избирам меѓу музиката и способноста да гледам, би се одлучил за живот со музика“, вели Жоу.

CD Regal im Laden Beatles
Музиката од западот сметана за богатствоФотографија: AP

Со темни очила за сонце и долга коса Жоу седи сам на бината во клубовите и баровите во Пекинг. Еден човек и неговата гитара. Секоја нова песна за него е вистинско откритие, вели Жоу замислено. Неговите фанови во Пекинг, тоа едвај можат да си го замислат, особено денес, кога илјадници песни може да се симнат од интернет. Но, тие веројатно инстинктивно чувствуваат дека со музиката на Жоу се враќа дел од старата фасцинација.

Автор: Рут Кирхер / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска